Фото: Архива

Факт е дека паркинг-простор треба да има достапен за сите и вистина е дека во Скопје се бара паркинг плус, меѓутоа дали тоа значи дека треба да се узурпираат паркинзите на оние на кои им се најмногу потребни и кои не можат да кружат и да бараат паркинг на друго место?! Психолозите и социолозите со кои се консултиравме укажуваат на една мошне интересна теза и прашање. Имено, дали, всушност, со паркирањето на местата предвидени за лица со попреченост, и ние што не припаѓаме во таа ранлива категорија граѓани, узурпирајќи го тоа место, едноставно признаваме и се легитимираме дека сме и самите „лице со некаква попреченост“?!

НИСКО НИВО НА СООБРАЌАЈНА КУЛТУРА И СВЕСТ

Сѐ позачестено се забележува дека возачите во сообраќајот кога бараат паркинг-место го узурпираат и паркинг-просторот наменет за лица со попреченост. Тоа е еден од најсимптоматичните пропусти што како граѓани ги правиме, а од друга страна и ги толерираме, трпиме и премолчно ги прифаќаме. Факт е дека паркинг треба да има достапен за сите и вистина е дека во Скопје се бара паркинг плус, меѓутоа дали тоа значи дека треба да се узурпираат паркинзите на оние на кои им се најмногу потребни и кои не можат да кружат и да бараат паркинг на друго место?

НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА УЗУРПАТОРИТЕ

За поздрав се членовите на фејсбук-групата „Ѕид на сообраќајниот срам“, каде што немилосрдно се објавуваат сите прекршители на сообраќајните прописи, а особено оние што паркираат на местата наменети за лица со попреченост.
За граѓаните, ваквите ситуации не смее воопшто да се толерираат, па дури ни кога станува збор за „итно завршување работа од неколку минути“.
– Тие паркинзи се знае за кого се наменети и тука нема апсолутно никакво оправдување. На некои паркинзи дури има и паркинг-места наменети за мајки со мали бебиња и колички, а ние сѐ уште не сме го свариле фактот дека и лицата со одредени попречености управуваат со моторни возила. Срамно е за сите нас како граѓани на овој град, бидејќи факт е дека толерираме сѐ и сешто и не реагираме, бидејќи тоа не е „наша работа“. Дури тогаш кога некое дело или недело ќе допре до нас, се освестуваме и зборуваме – вели Елена Димитриевска.
Еден член на гореспоменатата група, кој самоиницијативно одвреме-навреме спроведува таканаречена „герила-акција“, честопати на ливчиња им пишува разни пораки на непрописно паркираните и на оние што узурпирале паркинг-место наменето за лицата со инвалидитет.

ШТО ВЕЛАТ ЗАСЕГНАТИТЕ?

Според м-р Теодор Богоевски, лице со попреченост – советник за лица со попреченост во Кабинетот на претседателот на Владата на РСМ, примерите за узурпација на овие паркинзи се сѐ поретки.
– На местата каде што има зонско паркирање, без разлика дали станува збор за паркинг под ингеренции на Град Скопје или ПОЦ, ваквите примери се поретки. Верувам дека тоа е резултат на честите проверки од страна на службите. Но, за жал, и покрај будното око на овие две претпријатија, како и повисоките казни, сѐ уште се случува овие места да бидат окупирани од возила на лица без попреченост, што, само по себе, е одраз на нивото на општествена култура и свест – вели тој.

ШТО ВЕЛАТ НАДЛЕЖНИТЕ?

Во согласност со законската одредба, три проценти од капацитетот на јавните паркиралишта се наменети за лицата со попреченост.
Поради честото користење на овие паркинзи, ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ има обезбедено поголем број паркинг-места наменети за лицата со попреченост од пропишаниот. Во некои случаи се бележат паркинг-места од овој тип во резидентните паркинг-зони по потреба на жителите.
– Злоупотребата на паркинг-местата наменети за лица со инвалидитет станува сѐ поретка на паркиралишта со кои стопанисуваме. Со редовно санкционирање на возилата што ги злоупотребуваат паркинг-местата што се наменети за лица со посебни потреби и спроведување кампањи насочени кон издигање на свеста на возачите да не се паркираат на места наменети за лица со посебни потреби, како и кампањи насочени кон издигање на сообраќајната свест и култура, зголемување на одговорноста кај возачите и укажување на важноста и потребата од почитување на сообраќајните правила и прописи, успеавме значително да го намалиме бројот на несовесно паркирани возила на овие паркинг-места и да влијаеме на свеста на граѓаните да паркираат совесно и да им овозможат на лицата со инвалидитет непречено функционирање во градот – информираат од претпријатието.
Оттаму велат дека несовесното паркирање на паркинг-местата наменети за лица со посебни потреби се санкционира со помош на специјално возило „пајак“ по пријава на паркинг-контролор вработен во претпријатието.

– Во согласност со Ценовникот за услуги за отстранување и преместување на непрописно запрени или паркирани возила, хаварисани возила и приколки и нивно чување, преместување моторно возило, се изрекува санкција во износ од 6.000 денари од страна на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ за сите непрописно паркирани возила што ја загрозуваат безбедноста на лицата со посебни потреби – потенцираат оттаму.
Јавното претпријатие „Градски паркинг“ – Скопје располага со 33 обележани паркинг-места за лица со посебни потреби во катните гаражи, 42 во затворени паркиралишта и 116 во зонските паркиралишта.
Според правилникот за работа, за користење на ваквите паркинг-места од страна на лицата со посебни потреби секоја година регистрираните лица аплицираат од ноември до декември и тој паркинг-простор е субвенциониран од страна на Град Скопје.
– Нашите контролори секојдневно се на терен и како јавно претпријатие имаме нулта толеранција за злоупотребата на овие паркинг-места, односно доколку контролорите утврдат дека возилото паркирано на место обележано за лица со посебни потреби не е заведено во систем како такво, веднаш соодветно го санкционираат – велат од претпријатието.