Целје со 36-28 го победи бранителот на трофејот Вардар и денеска во финалето ќе се обиде по вторпат да триумфира во Струга
РАКОМЕТЕН ТУРНИР „СТРУГА 2022“
Ракометарите на поранешниот европски првак и актуелен учесник во Лигата на шампионите (ЛШ), словенечки Целје, ќе играат во финалето на јубилејното 50. издание на меѓународниот ракометен турнир во Струга, сега познат под името „Вангел Баљукоски-Баљук“, на кој учествуваат вкупно осум екипи. По изедначеното прво полувреме (17-17), Целје со 36-28 го победи бранителот на титулата од минатата година, Вардар, и денеска во финалето ќе се обиде во второто учество на турнирот во Струга, по вторпат да триумфира. Кај вардарци не помогнаа ни деветте гола на најефикасниот играч Филип Талески. Ривалот на Целје во финалето требаше да биде познат синоќа, кога и ќе се комплетираше групата А, односно по дуелите помеѓу АЕК – Еурофарм Пелистер и Татран – Струга.
Еурофарм Пелистер го доби дуелот од второто коло против словачки Татран со 25-24, со што ја впиша и втората победа, а вчера требаше да се бори за влез во финалето против грчки АЕК од Атина. Со пет погодоци најдобар кај битолчани беше францускиот интернационалец Руди Сери, а кај Словаците Оливер Рабек со осум. Татран досега има победа и пораз исто како и АЕК, додека домаќинот Струга го доживеа и вториот пораз на турнирот, овој пат од АЕК со 15-30. Г.И.
Резултати, трет ден
Струга – АЕК 15-30
Е. Пелистер – Татран 25-24
Целје – Вардар 36-28
Двојки, четврти ден (вчера)
Бутел – Алкалоид
Татран – Струга
АЕК – Е. Пелистер
Денеска на турнирот
Меч за седмо место (10 ч.)
Меч за петто место (17.15 ч.)
Меч за трето место (19.15 ч.)
Меч за прво место (21.15 ч).