Фото: З.А.

Како и во останатите услужни дејности така и сечачите на дрва летово ја зголемија цената на својата услуга, па за метар кубен огревно дрво наплаќаат од 200 до 300 денари во зависност од локацијата каде што треба да ја завршат работата.

Повисоките цени ги правдаат со поскапување на нафтата што ја користат за моторните пили како и зголемување на услугите на помошниците и поправките на машините

-Бидејќи сите цени почнувајќи од прехранбените продукти до горивата и се останато, имаат далеку повисоки цени од претходно, тоа беше причината зошто и ние одлучивме да ја подигнеме цената на услугата за сечење на огревно дрво. Така за кубик огревно дрво во градот наплатуваме по 200 денари а во подалечни населени места и селата тарифата е повисока и се движи од 250 до 300 денари. Зголемувањето на цената е апсолутно оправдано бидејќи цената на горивата е двојно повисока од лани а и останатите трошоци што ги имаме се зголемени и токму тоа е причината зошто и ние мораме да ги покачиме цените на своите услуги – вели Војче Илиоски, сечач на дрва од Кичево.

И останатите негови колеги потенцираат дека нивните трошоци се двојно поголеми , додека тие цената ја зголемуваат само 50 денари .

-Ако продолжевме да работиме со старата тарифа, тогаш ќе бележевме континуирана загуба, ние и со новите цена едвај ги покриваме трошоците и работникот кој ни помага при сечењето на дрва.Реално нашата цена треба да биде далеку повисока бидејќи работата е исклучително тешка а цените на горивата се далеку повисоки од претходните две-три години. Бидејќи имаме и стари машини кои често се расипуваат а деловите за нив се се поскапи , тоа придонесува и ние да бидеме приморани да ги зголемиме тарифите на своите услуги – вели Сали Саити сечач на дрва од кичевско.

З.А