Австралиската музичка ѕвезда и актерка која се прослави со улогата во мјузиклот „Брилијантин“, Оливија Њутн-Џон, почина на 73-годишна возраст, пренесуваат светските медиуми. Веста за смртта ја објави нејзиниот сопруг Џон Истерлинг.
Оливија Њутн-Џон водеше долгогодишна битка со ракот што ѝ беше дијагностициран во 1992 година, а во 2017 година откри дека болеста повторно се вратила, при што се проширила на нејзиниот ‘рбет. Таа истакна и дека во 2013 година добила втора дијагноза.
По првичното сознание дека боледува од рак на дојка, Оливија Њутн-Џон стана активистка за подобрување на лечењето на оваа болест, а воспостави и истражувачки центар во Мелбурн.
Од актерката и пејачка на социјалните мрежи се простија бројни актери, меѓу кои и нејзиниот партнер од „Брилијантин“ Џон Траволта.
Во текот на музичката кариера освои четири награди „Греми“ и продаде повеќе од 100 милиони плочи, но ќе остане запаметена по улогата во „Брилијантин“ од 1978 година, каде што на нејзина 29-годишна возраст ја глумеше Сенди Олсон, средношколската љубов на Дени Зуко (Џон Траволта). Станува збор за најголемиот филмски хит од таа година, чиј саундтрак помина 12 недели на првото место на американската топ-листа.