Театарската претстава „Кротењето на опаката“ од Вилијам Шекспир, во режија на Викторија Шевченко, а во изведба на Киевски академски регионален музички и драмски театар „П.К. Саксагански“ од Украина ќе биде прикажана вечерва како дел од драмската програма на годинешното 62-ро издание на фестивалот „Охридско лето“.
Две и пол часовната претстава ќе се одигра во Предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Дел од актерската екипа денеска на прес-конференција обелодени дека „Кротењето на опаката“ е всушност современо читање на Шекспир, кое, како што рекоа, никого нема да остави рамнодушен.
-Среќен сум заради улогата во претставата и што можам да ја отелотворам на сцената. Самата претстава е несекојдневна, специфична. Режисерката има сменето буквално сѐ, има специфичен пристап кон шминка, костими… и имаше храброст да промени дел од текстовите на Шекспир. Шекспир малку го скусивме, малку го препишавме и додадовме нешто наше, но сметам дека на сите гледачи ќе им се допадне. Современото читање на Шекспир нема да остави никого на страна – рече актерот Владислав Красиков кој вечерва ќе ја игра улогата на Петручио.
Целото дејство во претставата се одвива околу младата Украинка Маргарита Овчарова која ја толкува улогата на Кетрин, млада и богата девојка за која се водат напори да биде скротена.
-Вечерва ќе прикажеме современа интерпретација на Шекспир што ќе биде мошне интересно за публиката. Самиот процес на реализација на оваа театарска претстава беше многу интересен – рече Овчарова.
Виталиј Томњук, раководител на одделот за култура, националности и религија на градскиот совет на градот Буча потенцира дека денешната трагедија во Украина, не само што го спречува нормалното функционирање на културниот сектор, го уништува културното наследство, туку, како што кажа, ги одзема и животите на многу цивили меѓу кои и професионалните уметници.
-Секој го брани својот фронт, воен, волонтерски. Секој има свое оружје. А за нас тоа оружје е културно и уметничко. Украинските музички групи, пејачи, театарски колективи шируум светот одржуваат хуманитарни концерти за поддршка на вооружените сили на Украина и на жртвите од војната. Во оваа војна веќе не може да се поставува прашање дали има место за културата. Бидејќи оваа војна е токму борба за нашата украинска култура – рече Томњук.
Како што најави селекторката на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ Сања Арсовска, со театарската претстава „Кратењето на опаката“ започнува интернационалната драмска програма на фестивалот.
-Интернационалниот дел од драмската програма на фестивалот „Охридско лето“ започнува вечерва во Предворјето на црквата „Света Софија“ со театарската претстава „Кратењето на опаката“. Големо е задоволството во вакви тешки и неподносливи услови за живот во Украина што имаме гости од оваа земја. Благодарност до Украинската амбасада во Република Северна Македонија којашто ни помогна да стапиме во контакт и да го реализираме ова нивно гостување. Се радувам што вечерва, украинскитеактерите наместо со звуците на аларм за тревога, на проектили и истрели, ќе играат и ќе се чувствуваат безбедно токму на сцената на фестивалот – истакна селекторката Арсовска.
Директорката на фестивалот „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, на денешната прес-конференција подвлече дека годинешното 62-ро фестивалско издание е на половина од својата реализација.
-Точно сме на половина од реализацијата на годинешново 62 фестивалско издание и можам слободно да кажам дека фестивалските вечери изминативе 20 дена изминуваат со квалитетна програма и полни гледалишта. За повеќето настани се бара и карта повеќе што за нас е доказ дека Охридско лето и годинава понуди квалитет и содржини привлечни и атрактивни за пошироката публика.Остануваат уште 20 фестивалски вечери во кои ќе понудиме квалитетна програма и вечери за паметење.Оттука со право можам да најавам дека „Охридско лето“, како фестивал кој е поддржан од Министерството за култура а под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, и со ова 62-ро издание ќе ги оправда очекувањата на љубителите на уметноста, очекувањата на спонзорите, помагателите и пријателите – рече директорката Поповиќ.
Театарската претстава „Кротењето на опаката“ ќе се одигра на „Охридско лето“ со поддршка на Амбасадата на Украина во земјата како содржина во рамки на традиционалната Украинска вечер на фестивалот.
Киевски академски регионален музички и драмски театар „П.К. Саксагански“ од Украина е најголемиот и најстар театар во регионот на Киев основан уште во далечната 1934 година.