Авионите се во функција, како и воздухопловите на АРМ. Дополнително имаме два воздухоплови на МВР, кои до годинава не можеа да бидат употребувани за гаснење пожари, а сега се оспособени и со персонал и во овој момент се ставени на располагање при гаснење на пожарите, рече денеска во Собранието министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во одговор на пратеничко прашање.
– Армијата има два воздухоплови кои се опремени со опрема за гасење на пожари. Министерството за внатрешни работи до минатата година немаше таков капацитет, но сега преземавме мерки, извршена е набавка на опрема и извршена е обука на кадрите, и имаме два воздухоплови на рапсолагање за гаснењето на пожарите, кои и во овој момент се ставени на располагање – рече Спасовски.
Во однос на авионите за гаснење пожари „Ер-трактори“, Спасовски информираше дека вториот „Ер-трактор“ до 5-ти август треба да се врати од ремонт, а првиот веќе е во функција и учествува во гаснењето на пожарите.
– Минатата година имавме проблем затоа што не беа сервисирани авионите кои се во Дирекцијата за заштита и спасување, а тоа се „Ер-трактори“. За оваа година е направен ремонтот на овие авиони, еден е веќе во функција а вториот треба да биде испорачан од 5 август од ремонт. Едниот веќе учествува во сите овие пожари кои ги има – рече Спасовски.
Според министерот за внатрешни работи, треба да се воспостави еден систем на хиерархија и субординација и секој да си ги земе работите во свои раце за тоа што е задолжен.
– Подеднакво мора да се постапува врз основа на постојните законски решенија, а тоа е и Законот за управување со криизи и Законот за заштита и спасување, и ќе мора да се тргнува од најниско ниво. Тоа значи дека сите противпожарни бригади мора да бидат ставени во функција на локално ниво и тие се првиот одговор на било која катастрофа која ја има па и во делот на пожарите – додаде Спасовски.
Тој рече дека во делот на справување со пожарите, добро е што се разговара за ова прашање и пожелна е поопсежна дебата.
– Не треба да разговараме само кога имаме такви проблеми. И минатата година се соочивме со голема стихија, за која се направија вистински штети и тоа покажува дека мора да се консолидира тој степен на заштита. Верувајте дека мора да се преземат радикални мерки за управување на системот со кризи. Овој модел кој го има С. Македонија не е најсоодветен, бидејќи има две независни агенции за управување со кризи. Клучно е да се воспостави систем. Подеднакво мора да се постапува согласно законите. Ќе мора да се тргнува од најниско ниво. Сите противпожарни бригади мора да бидат ставени на локално ниво – рече Спасовски.