Бугарија

Политичката криза во Бугарија се продлабочува, а сѐ поизвесни стануваат нови парламентарни избори, кои би се одржале наесен. Ваквите размислувања добиваат на значење по завчерашниот неуспех на бугарските социјалисти (БСП) да направат мнозинство, по што ќе мораат денеска да го вратат мандатот за состав на нова влада.
Тоа е епилог на собраниската расправа, по која стана јасно дека не поминува нивниот обид како точка на дневен ред да биде вметната програмата за работа на парламентот за наредните шест месеци. Таа доби поддршка од 119 пратеници, 106 беа против, а еден пратеник се воздржа од гласање. Уште претходно социјалистите најавија дека доколку се реализира нивната идеја, односно предлогот добие 121 глас „за“, тие веднаш ќе ја почнат постапката за избор на нова влада, со Асен Василев како кандидат за премиер.
Со оглед дека нашето сценарио не успеа, ние утре ќе го вратиме мандатот – изјави вчера координаторот на пратеничката група на БСП, Георги Свиленски, на брифинг во парламентот.
Откако законодавната програма на БСП не влезе во неделната програма на Народното собрание Свиленски изјави дека тоа што се случило денес му покажало на бугарското општество кој на која страна е од оваа линија на поделба – народот и партиите што сакаат да се борат против корупцијата и оние што сакаат да ја заштитат корупцијата.
На прашањето кога ќе бидат закажани парламентарните избори, Свиленски одговорот го упати до претседателот и до претседателската институција.
Одлуката за расплетот на политичката криза во која влезе Бугарија по напуштањето на владината коалиција на партијата Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов сега е во рацете на претседателот Радев. Тој неколкупати најави дека доколку не се најде решение и не биде избрана влада, предвремени избори се неминовност.
Како евентуален датум на кој би се одржале изборите се посочува 2 октомври.
Минатата година во Бугарија беа одржани три последователни изборни циклуси. Дури во последниот обид беше направена влада предводена од новиот политички субјект Промената продолжува, во која клучна улога имаше двоецот Кирил Петков – Асен Василев, двајцата министри во техничките влади на претседателот Румен Радев.
Нивната коалиција, во која партиципираа и БСП и ИТН, траеше нешто повеќе од шест месеци. Кабинетот на Петков беше избран на 13 декември минатата година. Недоверба на неговата влада ѝ беше изгласана на 22 јуни оваа година.