Словенија
Премиерот на Словенија, Роберт Голоб, деновиве во интервју даде една необична, а за многумина дури и шокантна изјава за која доби безброј коментари, по што тамошната влада мораше дополнително да објаснува во обид да ги релативизира критиките.
– Имаме два природни лека против ковид-19: сонцето и солената морска вода. Одлично е што во сегашниот бран на епидемијата вирусот има послаби варијанти, бидејќи сега сите можеме да одиме на море и таму да се излекуваме. Не се шегувам, ова е чистата вистина – изјави Голоб во интервју за ПОП-ТВ.
Владата веднаш реагираше на својот твитер-профил со објаснување дека Голоб не мислел буквално.
-Премиерот само сакаше да укаже дека природно можеме да го зголемиме нивото на витамин Д, кој го подобрува имунитетот. Дополнително, познати се позитивните ефекти на морската вода врз здравјето и расположението на луѓето – објаснуваат од кабинетот на Голоб.
Се разбира, коментарите на социјалните мрежи беа најразлични, имаше исмејувачки, бидејќи за дел од граѓаните зборовите на премиерот потсетија на некои лесно дадени изјави на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за време на епидемијата на ковид-19. Други граѓани, пак, го предупредуваа премиерот да се држи до својата професија и да ја препушти епидемијата на експертите.
Подготвил: Марјан Велевски