Фото: Зоран Антоски

Во селата околу Кичево, како и во градот, и годинава како и претходно, се враќаат гастарбајтерите од овој крај кои се на печалба во некоја од европските земји или преку океанот. Ги има во голем број, а нивното присуство се чувствува, како на сообраќајниците, така и во локалите, бутиците, златарниците, цвеќарниците и во сите трговски објекти во градот. Дуќанџиите со душа го чекаат овој период кога и нивниот промет значително ќе порасне.

– Без зголемениот промет од јули и август кога во земјава се печалбарите, ние тешко би можеле економски да опстанеме, бидејќи во преостанатиот дел од годината прометот е драстично намален, а со покачувањето на цените се случува и со денови да не влезе ниту еден муштерија. За среќа овој празен од се нарушува со доаѓањето на нашите гастарбајтери кои во овој период од годината прават свадби, свршувачки и се среќаваат со своите роднини и пријатели, па така, често ги посетуваат градските локали каде со кафе-муабет си прераскажуваат за времето минато од последното видување – вели Енсул Туфекчиоски, сопственик на трговски објект во средиштето на градот.

И сопствениците на бутици го чувствуваат присуството на печалбарите и признаваат дека би престанале да се занимаваат со оваа дејност, ако не е прометот остварен во овој период од годината.

– Од година во година нашиот град е се посиромашен, а тоа се рефлектира и врз остварениот промет, но благодарение на печалбарите кои доаѓаат на годишен одмор во текот на летото и околу Нова година, ние се уште опстануваме. Печалбарите купуваат како за секојдневни потреби така и за свадби и други веселби, а тоа има огромен придонес во вкупниот промет на бутикот. Првите денови се добра најава да очекуваме во наредните триесетина дена да ја зголемиме продажбата. Зголемениот промет од текот на летото ќе го амортизира преостанатиот дел од годината кога прометот е драстично намален – вели Драган Сиљаноски, сопственик на бутик.

Слични се искуствата и на останатите трговци и угостители во градот, а најмногу ќе се офајдат сопствениците на рестораните за свадби, бидејќи во нивните објекти секојдневно има по една, а во повеќе наврати две, па дури и три свадби. З.А.