Светски познатиот пијанист, продуцент и композитор Франческо Тристано ќе настапи заедно со ФАМЕС-оркестарот, составен од млади талентирани музичари од европските земји и од Македонија, под раководство на нашиот познат мултиталентиран музичар и диригент Џијан Емин, на 23 јули, во 20.30 часот, во големата концертна сала на Mакедонската филхармонија.
Исклучително интересен концерт на кој ќе имаме можност да го слушнеме.
Концертот претставува прекрасно музичко патување каде што публиката ќе има можност да се сретне со различни музички стилови испреплетени и збогатени со симфониски оркестар, композиции во кои се користат нови технологии, но во исто време и ги користат звукот и инструментите од традиционалниот симфониски оркестар. Овој концерт на хибридна музика претставува своевиден музички крстопат каде што се среќаваат класичната, електронската и современата музика, користејќи џез-импровизации и елементи. На концертот ќе бидат изведени композиции што се веќе создадени од Тристано и од Емин, но и композиции што ќе бидат напишани специјално за овој концерт.
Овој концерт претставува една убава завршница на семинарот за хибридна оркестарска музика, симболично насловен како „Карт бланч“, а ќе ни ја претстави работата на младите музичари што учествуваа во работата на оркестарот на ФАМЕС-институтот и мастеркласовите што ги водеа Франческо Тристано и Емин Џијан.
Оркестарот на ФАМЕС-институтот го сочинуваат млади талентирани музичари од различни европски земји и од Македонија, чија цел е, пред сѐ, преку работа со врвните уметници и диригенти да се стекнат со нови искуства и знаења, да научат повеќе за различните музички стилови, начини на изведување и, секако, меѓусебно да ги разменат личните музички искуства и знаења, но и сопствените традиции и културни карактеристики. Оркестарот при ФАМЕС-институтот ќе продолжи со својата работа веќе во септември и во октомври, кога повторно ќе следуваат многу интересни концерти и содржини.
Билетите за овој концерт се по специјална цена од 300 денари и 150 денари за студенти и ученици. Билетите можат да се купат на страницата на www.mktickets.com.
Франческо Тристано е исклучителен и мултиталентиран музичар: пијанист и композитор, кој успешно ги комбинира сите музички стилови. Франческо, кој е веќе многу познат и во електронската, експерименталната и џез-музиката стана референтна личност кога се зборува за новите движења, каде што експлодираат неговата креативност и умешност, но и начинот на кој тој успева да ги хомогенизира музиката и публиката. Тој соработува со врвни имиња како Дерек Меј, Карл Крег…
Тристано започнува да свири пијано на петгодишна возраст во Њујорк, на престижната школа „Џулијард“, а токму и во Њујорк ја започнува приказната со електронската музика и ги завршува и постдипломските студии. Добитник е и на голем број награди од релевантните музички натпревари.
Џијан Емин, роден во Скопје, е сестран музичар со огромно музичко искуство. Долги години тој е прв хорнист во Македонската филхармонија, додека истовремено свири импровизација и џез, диригира на меѓународни оркестри за компонирање и аранжирање партитури за филм и театар, свири гитара или клавијатури со рок-групи, продуцира албуми, а работи и како уметнички директор на музички фестивали.