Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и независната листа „Поинаку“ одлучија на планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ да му префрлат 3,8 милиони денари кои ќе треба да се искористат за обнова на планинарскиот дом Копанки. При носењето на одлуката советниците на СДСМ и коалиционите партнери беа воздржани, а советниците на Левица гласаа против.

Според потпишаниот договор со локалната самоуправа, предвидено е ПСК „Пелистер“ по добивањето на овие средства и реконструкцијата на планинарскиот дом „Копанки“, во иднина без надомест да обезбеди најмалку 30 проценти од сместувачкиот капацитет на домот за потребите на општината, кои ќе се користат за одржување на семинари и културни настани.

Не беше прифатен предлогот на опозицијата за проширување на договорот, за децата од 7 до 14 години и членовите на здружението на пензионери да можат да го користат домот без надомест. Советникот од Левица, Гаврил Трајковски, кој договорот го нарече циркус, изјави дека бенефициите ќе бидат за Општината, а не и за граѓаните чии пари ќе се дадат за обнова на домот.

Со Договорот е предвидено домот да не биде издаван под концесија во следните 20 години ниту да се издава, или става под хипотека. М.М.