На ЛОИ 2020, Томпсон-Хера, Фрејзер-Прајс и Џексон ги освоија првите три места, а покажаа форма за прво место и на СП 2022, кое почнува в петок. Фрејзер-Прајс (10,6 секунди) и Томпсон-Хера (10,54) лани се приближија и до светскиот рекорд на Грифит-Џојнер (10,49) од 1988 година, пишува СА

АТЛЕТИКА

Триото Шели-Ен Фрејзер-Прајс, Елејн Томпсон-Хера и Шерика Џексон го предводи тимот од Јамајка, кој се „заканува“ да ги освои медалите во Јуџин на Светското првенство (СП), пишува Светската атлетика (СА), на својата интернет-страница. На минатогодишните Летни олимписки игри (ЛОИ) во Токио, Томпсон-Хера, Фрејзер-Прајс и Џексон ги освоија првите три места. Сега само редоследот може да биде различен, бидејќи сите три ја покажаа формата за да го заземат првото место, пишува СА. СП 2022 почнува в петок, а трката на 100 метри е в недела.
Тие се на врвот на светската годишна листа на 100 метри, предводени од актуелната шампионка Фрејзер-Прајс (35) со 10,67 секунди, пред Џексон (27) со 10,77 и Томпсон-Хера (30) со 10,79. Сите три треба да се тркаат и на 200 метри. Томпсон-Хера и Џексон ги бараат своите први индивидуални светски титули, а Фрејзер-Прајс се обидува да ја збогати веќе неверојатната колекција медали. Таа се стреми кон петтата светска титула на 100 м, а има и две злата на ЛОИ во оваа дисциплина. Фрејзер-Прајс во нејзината светска колекција на отворено има девет златни медали, поединечно и во штафети, а вкупно 11 медали. Томпсон-Хера победи на две ЛОИ по ред на 100 и на 200 метри, Џексон, двократна освојувачка на златен медал во штафети на СП, трчаше побрзо од 11 секунди на секоја од нејзините претходни четири трки на 100 м…
Фрејзер-Прајс и Томпсон-Хера се приближуваат до светскиот рекорд од 10,49 секунди, поставен од Флоренс Грифит-Џојнер во 1988 година, пишува СА. Лани Томпсон-Хера истрча за 10,54 секунди, а Фрејзер-Прајс постави личен рекорд од 10,60 секунди.
– Оваа сезона дефинитивно со нетрпение очекувам да истрчам 10,5, а можеби и 10,4, бидејќи тоа е целта – рече Фрејзер-Прајс во април, пренесе СА.