Фото: Маја Јаневска-Илиева

СИНДИКАЛЦИТЕ ПРОДОЛЖУВААТ СО ШТРАЈКОТ, СО ПРОТЕСТИ И СО БЛОКАДИ

Со секојдневни изрази на надежи и очекувања дека ќе продолжи социјалниот дијалог, но и со секојдневни протести пред институциите и блокади на улиците, заврши првата недела од генералниот штрајк на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Штрајкот се активира откако Владата не го исполни ветувањето за линеарно покачување на платите за 2.806 денари во јавната администрација. По завчерашната блокада на влезот во Скопје, во Автокоманда, синдикалците вчера протестираа пред Министерството за труд и социјала. Иако тие бараа покачување веднаш, зашто економската и енергетска криза, како што рекоа, ги притиска вработените, ресорната министерка Јованка Тренчевска им одговори со повторување на владината мантра дека „прво треба да започне дијалог за нов општ колективен договор и да се воспостави систем за раст на платите во јавниот сектор“.
– Цврсто стоиме на социјалниот дијалог, ветивме подобрување на работничките права преку нов општ колективен договор што ќе овозможи постојан раст на платите во јавниот сектор и други права, но не прифативме ад хок решенија. Затоа закажувам средба со ССМ во Министерството за труд и социјална политика, како зграда на граѓаните и на работниците, тоа е единствениот начин за решение – изјави министерката Тренчевска по вчерашната средба со претставниците на Синдикатот.

ССМ изразува сомнежи во односите со Владата

Претходно, Иван Пешевски од ССМ во јавноста изрази сомнеж за вистинитоста на намерите на Владата.
– Работникот во овој момент се чувствува излажано затоа што вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на први мај ветија линеарно зголемување на платите за сите, од хигиеничар до претседател на држава, но до денеска ветеното не е реализирано. Остана непотпишан и општиот колективен договор со кој се предвидува и регрес за годишен одмор за сите вработени во јавниот сектор. Се надевам дека ќе седнеме на маса со министерката и дека ќе биде изгласано нашето барање за зголемување на платите преку амандман во Собранието, и тоа од први јули. Доколку не се случи тоа, остануваме на ставот дека нови барања ќе имаме од септември, имајќи ги предвид ценовните шокови, одмрзнатите цени и поскапувањето на горивата. Нашите процени се дека инфлацијата од септември ќе биде над 15 проценти, така што зголемувањето од 2.800 денари нема да нѐ задоволи – објасни Пешевски.
И синдикалниот лидер Дарко Димовски по вчерашниот разговор со министерката констатира оти ништо не е постигнато.
– Штрајкуваме и протестираме и ќе продолжиме до остварување на барањата и работничките права – нагласи Димовски, најавувајќи дека денеска ќе протестираат пред Министерството за информатичко општество и администрација и дека повторно ќе постават 120 столчиња пред Собранието, од чии пратеници очекуваат да го изгласаат амандманот на ребалансот на буџетот со кој ќе се овозможи линеарно зголемување на платите.

Каков е ставот на граѓаните, а каков на експертите за методите на ССМ и за
социјалниот дијалог?

Граѓаните во меѓувреме реагираат на оваа ситуација, особено по завчерашната блокада на влезот во Скопје.
– Одбравте погрешно време и место. Преговарајте, не заземајте погрешен став! – напиша, меѓу другите, Мијалче Стојановски на социјалните мрежи.
А дека треба да се преговара сметаат и експертите, предупредувајќи ги работниците дека не можат да се фаќаат за сѐ што политичарите ќе им ветат.
– Тоа не е само наш феномен, сите влади на избори и во други слични ситуации одат со популистички мерки и ветувања за зголемување на платите. На тој начин само го зголемуваат јавниот долг. Така Грција речиси банкротира пред неколку години. Сега треба и Владата и опозицијата и синдикатите и работодавците заедно да седнат, реално да ги согледаат работите и да настапуваат единствено колку што е можно повеќе, а не само да им се додворуваат на граѓаните, што подоцна ќе има големи последици – образложи поранешниот гувернер и професор на Економскиот факултет, Љубе Трпески, во неговото последно интервју.
Тоа што овие барања се ставаат на маса токму во услови на можеби најголемата криза, според бившиот гувернер, не е добро.
– Тоа е најопасното нешто, особено сега, кога доаѓаме до двоцифрена инфлација. Таа спирала на плати и цени потоа тешко се запира. Затоа сите фактори сега треба да се насочат кон смирување на инфлацијата, за да го пребродиме оваа време додека да се реши проблемот помеѓу Русија и Украина – додаде Трпески.
Слични стравувања сподели и Борче Давитковски од Правниот факултет, потенцирајќи дека мора да се направат вистински реформи во јавниот сектор и по цена да се загуби власт во услови на економска криза.
– Од 20 до 30 отсто од буџетот се даваат за плати. Каде е развојната компонента? Ние одиме во правец на банкрот на држава. Ако продолжиме вака да се задолжуваме, некој ќе мора да ги враќа тие кредити. За да имаме вистински реформи, треба заедно за одредени стратегиски развојни цели, да се договорат власта и опозицијата, како да се скрати јавната администрација, да се реформира енергетскиот, здравствениот и образовниот систем. На тоа да се потпишат и да се придржуваат – наведе тој.
Давитковски смета дека во државната администрација бројката од 18 до 19 илјади вработени е задоволителна, но и оти во јавниот сектор, како поширок поим, таа е преголема. Д.М.М.


Владата си отвори уште еден фронт

Нов фронт помеѓу Сојузот на синдикатите и Владата се отвори по нејзината последна одлука да им се дозволи на трговците во туристичките места да работат и во неделите, само неколку месеци откако стапи во сила Законот за недела неработен ден.
– ССМ со право уште на самиот почеток на процесот на уредување на недела како ден на неделен одмор укажуваше дека ова право во никој случај не смее да се регулира со друг закон освен со Законот за работните односи и дека во тој случај му се дава можност на еден министер со потпис да одлучува за судбината на работниците, што по шест месеци се покажа како точно, иако во тој период од министрите бевме убедувани дека тоа нема да биде случај – реагираше вчера Сојуз на синдикатите на Македонија.
Собранието завчера ги усвои измените и дополнувањата на Законот за трговија со кој се овозможува работа во недела и државни празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места. Според министерот за економија Крешник Бектеши, со измените и дополнувањата на Законот за трговија се очекува дополнително да се поттикне економската активност во земјата, особено во туристичките места.