Комисијата за европски прашања под раководство на пратеникот Арбер Адеми се престори во комисија за Див Запад, реагираше Антонијо Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
– За жал морам тоа да го констатирам, бидејќи како претседател на комисијата не ги почитува ниту Деловникот, ниту пратениците, ниту јавноста. Денешниот тек на седницата ескалираше во моментот кога претседателот на комисијата им оневозможи на пратениците Илми Азири, Халил Снопче, Дафина Стојаноска, мене, пратеникот Бране Петрушевски од Куманово и други, да го искористиме нашето деловничко право да предложиме пред да биде усвоен, измени и дополнувања на Дневниот ред. Ние имавме конкретен материјал и измените и дополнувањата сакавме да ги предложиме во насока на анализа на заклучоците од Брисел коишто се однесуваа на Македонија и се уште се актуелни. Веројатно тоа не се вклопување во неговото сценарио кога треба да почне, кога треба да заврши и кој смее и кој не смее да добие збор и гледаме дека се направи поголема тензија кадешто претседателот на комисијата почна освен со вербални напади да фрла и со тврди предмети кон пратениците, да крши дел од собранискиот инвентар и да употребува разни вулгарности кон нашите колеги и колешки, што не му доликува на ниеден човек, најмалку на претседател на комисија за европски прашања.
Сметам дека ова е уште една голема брука за Собранието, но го покажува раководењето од страна на ДУИ и СДСМ и гледаме како нивни поединци се однесуваат самоволно – вели Милошоски.