ПП, ГЕРБ, ДПС и ДБ се за прифаќање на францускиот предлог, ИТН и Преродба против, БСП воздржана
Промената продолжува (ПП), ГЕРБ-СДС, ДПС и „Демократска Бугарија“ (ДБ) денеска побараа Народното собрание на Бугарија да го поддржи францускиот предлог за Македонија. Има таков народ (ИТН) и Преродба се против, а од „БСП за Бугарија“ предупредија да не се брза.
Поддржувачите на француската иницијатива ја опишаа како најдобриот предлог што Бугарија досега го добила и предупредија дека временскиот прозорец за нејзино усвојување наскоро ќе се затвори.
Противниците за кревање на ветото за Скопје, пак, во денешната дебата употребија изрази како „национални предавници“, а ИТН побара од претседателот Румен Радев да ги декласифицира документите од последната седница на Национален советодавен совет на тема Македонија.
Според БСП, францускиот предлог кој е одбиен од Скопје, не треба набрзина да се прифаќа од парламентот, пренесе БТА.
Бранајќи го својот предлог, кој вчера доби зелено светло од парламентарната Комисија за надворешна политика, лидерот на ДБ Христо Иванов, пред пратениците кажа дека со предложена одлука Бугарија не го укинува ветото, туку ја зголемува силата на ветото.
Тој нагласи дека францускиот предлог е добар за Бугарија.
– Ако не им верувате на експертите, на политичарите кај нас, слушајте што велат во Скопје за него – сметаат дека е неприфатливо за нив. Сите европски институции се зад нас, тие се гарант – рече Иванов.
Тој предупреди дека по завршувањето на француското претседателство со ЕУ може да се изгуби можноста која сега е понудена.
– Во моментот кога завршува француското претседателство, исчезнуваат политичките услови под кои можеме да поставуваме такви барања – истакна Христо Иванов.