Велика Британија станува сè позатворена економија поради брегзит, а долгорочните штетни импликации за продуктивноста и за платите ќе го чинат просечниот работник 470 фунти секоја година до крајот на деценијата, покажува најновото економско истражување на вонредниот професор на Лондонската школа за економија Свати Дингра и истражувачи од аналитичкиот центар на фондацијата „Резолушн“. Пандемијата на ковид-19 што избувна во јануари 2020 година, веднаш по излегувањето на Велика Британија од Европската Унија, ја искомплицира анализата на економските влијанија на самиот брегзит.
Новите трговски правила по брегзит, кои стапија во сила во јануари 2021 година, не доведоа до постојан пад на британската трговија со ЕУ, во споредба со остатокот од светот, спротивно на претходните очекувања на многу аналитичари, се вели во студијата.
– Брегзит имаше повеќедифузно влијание со намалувањето на конкурентноста и отвореноста на Британија за трговија со поширок опсег на земји. Ова, на крајот, ќе резултира со намалување на продуктивноста, како и на реалните плати – вели Софи Хејл, економист од фондацијата „Резолушн“.
Во извештајот се наведува дека нето-ефектот од овие бариери ќе ја намали продуктивноста во целата економија за 1,3 отсто до 2030 година, со непроменето ниво на трговските односи, што значи дека годишните плати ќе паднат за 1,8 отсто реално или за 470 фунти по работник.
Подготвил: Митко Јовановски