Фото: Игор Бансколиев

На 1 јули, Македонија во Сарагоса му гостува на актуелниот светски првак Шпанија, а на 4 јули во Скопје ќе ја пречека Украина. Првиот собир на црвено-жолтите е закажан в сабота, а ќе недостигаат Димитријевиќ, Вајли, Магдески, Д. Стојановски…

КОШАРКА

Ќе се обидам со составот со кој располагам да ѝ дадам што поголем отпор на Шпанија, која е фаворит во целата наша група, секако. Повторно сме хендикепирани, се надевам на добар одговор на теренот на моите кошаркари, а ако ни се укаже можност, да приредиме и изненадување. Моја работа е од секој кошаркар на подготовките и во играта против Шпанија да го извлечам неговиот максимум. Составот на Шпанците е главно истиот што беше на досегашните квалификациски дуели, тие имаат свој квалитет и моќ, а тоа и го покажаа во текот на досегашните квалификации. Не знам во каква форма се моментно Украинците, но секако дека ќе одиме на победа во Скопје, вели селекторот на македонската машка репрезентација Драган Бајиќ, пред јулските мечеви во квалификациите за пласман на Светското првенство во 2023 година, група Г.
На 1 јули, Македонија во Сарагоса му гостува на актуелниот светски првак Шпанија, а на 4 јули во Скопје (од 18 часот) ќе ја пречека Украина во СЦ „Борис Трајковски“. Првиот собир на црвено-жолтите е закажан в сабота, а ќе недостигаат Ненад Димитријевиќ, Џејкоб Вајли, Андреј Магдески, Дамјан Стојановски, а неизвесен е и Бобан Стајиќ.

До крајот на овие квалификации остануваат уште овие два меча, а во втората фаза на квалификациите ќе се пласираат првите три селекции од секоја од осумте групи (од групата Г пласманот веќе го обезбедија Грузија и Шпанија). Селекторот на шпанската селекција, Серџо Скариоло, го соопшти списокот со кошаркари на кои ќе смета за натпреварот со Македонија, а тоа се Џонатан Бареиро (Уникаха), Феран Басас (Хувентуд), Дарио Бризуела (Уникаха), Квино Колом (АЕК), Алберто Диаз (Уникаха), Дани Диез (Сан Пабло), Жаим Фернандез (Уникаха), Фран Гуера (Тенерифе), Ксабиер Лопез-Аростеги (Валенсија), Жоел Пара (Хувентуд), Хаиме Прадиља (Валенсија), Себас Саиц (Алварк Токио), Микел Салво (Гран Канарија), Јанкуба Сима (Бакси Манреса) и Сантиаго Јуста (Сарагоса). По мечот во Сарагоса, Шпанија ќе игра две средби на гости, со Грузија и со Украина.

Г.И.