Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак денеска соопшти дека Косово и Србија во Брисел го усвоиле патоказот за имплементација на енергетскиот договор, јави дописникот на МИА од Белград.
– Со големо задоволство можам да соопштам дека Косово и Србија штотуку усвоија патоказ за имплементација на енергетските договори во рамките на дијалогот со посредство на ЕУ. Ова е голем чекор напред – напиша Лајчак на Твитер.
Тој го објави и патоказот за спроведување на енергетските договори, кој има девет точки.
– За надминување на кризата и проблемите во енергетскиот сектор, а имајќи ги предвид договорите за енергетика од 8 септември 2013 година и заклучоците на посредниците на ЕУ за имплементација на енергетскиот договор од 2013 година од 25 август 2015 година, страните се договорија за патоказот, се наведува во документот.
Жителите на четири општини во северно Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток – од кои повеќето се припадници на српската заедница, не ги плаќаат сметките за струја повеќе од две децении.
Во 2013 година Косово и Србија постигнаа договор за енергетика во рамките на дијалогот за нормализација на односите, а потоа во 2015 година беа договорени заклучоците. Според тие договори, наплатата на струјата на северот требаше да ја врши фирмата „Електросевер“, која никогаш не беше формирана.
Според податоците на Косовскиот оператор на електропреносен систем (КОСТТ), загубите само во 2021 година достигнале 40 милиони евра.
Косовската компанија за дистрибуција на електрична енергија (КЕДС), која е управувана од турски конзорциум од 2013 година, има ексклузивни овластувања за дистрибуција на електрична енергија низ Косово, за управување и одржување на теренските средства.