КАРАТЕ – И ПО ЕП ЗА КАДЕТИ И ЗА ЈУНИОРИ ВО ПРАГА

Настапите на сениорското ЕП, Балканијадата и сега на кадетско-јуниорското ЕП се најдобар доказ на континуитетот на освојување медали. Најбитно е дека не застануваме. А со нов план и програма за тоа што нѐ очекува годинава, а тоа е сениорското СП, продолжуваме уште посилно кон уште подобри резултати, вели селекторот на кадетско-јуниорската репрезентација во Прага, Александар Кузмановски. За само дваесетина дена македонските каратисти освоија девет медали од големи натпреварувања, сега бронза на младинското ЕП (Љупче Михајлов), а претходно бронза на сениорското ЕП и злато, сребро и пет бронзи на Балканијадата

Македонската репрезентација во кадетска, јуниорска и конкуренција на јуниори до 21 година се врати со еден бронзен медал од Европското првенство (ЕП) во Прага, на кое настапија 1.084 натпреварувачи од 48 држави. За тоа се погрижи јуниорот Љупче Михајлов (категорија до 68 кг). Тој во борбата за бронзата го совлада Август Рамос од Италија, со 3-1. Со тоа каратистите ја продолжија традицијата на освојување медали. Годинава за само дваесетина дена тие освоија девет медали од големи натпреварувања, претходно на ЕП за сениори во Турција бронза освои Петар Спасеновски, а на Балканијадата во Србија сениорите во борби екипно освоија злато, сениорките екипно во борби бронзен, поединечно сребро освои Витомир Трајковски и бронзи Петар Заборски, Фахик Весели, Ангела Мојсовска и Јована Георгиева, сите во борби.
– И по последниот настап на ЕП во Прага, традицијата на освојување медали од врвни натпреварувања продолжува. Последните настапи на сениорското ЕП, Балканијадата и сега на кадетско-јуниорското ЕП се најдобар доказ на континуитетот на освојување медали. Очекувањата беа поголеми и имавме квалитет во јуниорската и селекцијата на јуниори до 21 година, но на татамите работите беа поинакви во неколку борби, кои требаше да ги добиеме во одредени категории, се покажаа како клучни, поради кои бевме запрени да продолжиме понатаму до борба за медали. Имавме можност и во делот на кати и во делот на каратистите до 21 година, се боревме за медал, но таков е спортот. Сепак, најбитно е дека не застануваме. А со нов план и програма за тоа што нѐ очекува годинава, а тоа е сениорското Светско првенство во Турција, продолжуваме уште посилно кон уште подобри резултати – вели селекторот на кадетско-јуниорската репрезентација во Прага, Александар Кузмановски.
Кузмановски вели дека е штета што каратето не е повеќе олимписки спорт.
– Каратето е најдобар поединечен спорт во Македонија и штета е што и понатаму не е олимписки. Карате-федерација на Македонија покажа дека има потенцијал, кој треба да биде препознаен од државата и целосно да биде поддржан. Да се надеваме дека ќе биде дел од некоја идна олимпијада и токму таму овие млади генерации да го искористат тој момент на учество и промовирање на карате-спортот во светски рамки – вели Кузмановски. Г.И.