Во најава трговска војна меѓу Европската Унија и Велика Британија
Од ЕУ најавија поведување судска постапка против Британија, откако британскиот премиер Борис Џонсон го претстави законот со кој се ограничува влијанието на Брисел во Северна Ирска
Европската Унија поведе нова правна постапка против Велика Британија поради нејзините планови да ги прекрши деловите од договорот постигнат по брегзит. Британската влада објави претходно планови за измена на Протоколот за Ирска/Северна Ирска, кој се однесува за делот на правилата за трговија. ЕУ соопшти дека повторното преговарање за протоколите и неговото еднострано менување ќе се смета за кршење на меѓународниот договор, што може да доведе и до парична казна.
– Ова е јасно кршење на меѓународното право. Целта на оваа постапка е да се воспостави усогласеност со протоколот за голем број клучни области, кои Велика Британија не ги спроведува правилно, а со крајна цел за заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните на ЕУ – наведуваат во Европската комисија. Од ЕК вчера ги претставија и дополнителните детали за можните решенија за олеснување на движењето на стоките меѓу Велика Британија и Северна Ирска и ја повика Владата во Лондон сериозно и конструктивно да се посвети на предложените решенија.
Велика Британија на 13 јуни најави планови за промена на договорот што е постигнат пред три години, со што ризикува нова економска војна со Брисел, но и нарушување на односите со Северна Ирска и тензии со САД, објавија повеќе агенции. Британската влада смета дека се неопходни ваквите измени за да се заштитат интересите на Обединетото Кралство и одржувањето на мирот и економските и општествени врски со Северна Ирска. Со протоколот, Северна Ирска останува на единствениот пазар на стоки во ЕУ и се спречува цврстата граница со Република Ирска. Меѓутоа, Владата во Лондон вели дека протоколот претставува „пречка“ за формирање нова извршна власт во Северна Ирска.
Три партии од Северна Ирска, односно Шин Фејн, Алијанса и СДЛП, сметаат дека протоколот е неопходен за ублажување на ефектите од брегзит во Северна Ирска. Против се Демократската унионистичка партија, која е втора партија со освоени пратенички места во парламентот на Северна Ирска. Унионистите сметаат дека протоколот создава поделба, која може да доведе до распад на Велика Британија, и одбиваат да воспостават нова власт во Северна Ирска со Шин Фејн, која има најмногу освоени пратеници.
Претпријатијата што увезуваат стоки од Велика Британија во Северна Ирска наидуваат на тешкотии со протоколот, поради проверките и контролите, кои ги зголемуваат трошоците. Но затоа, многу извозници имаат корист, затоа што го задржаа пристапот на пазарите на Унијата.
Од ЕУ најавија поведување судска постапка против Британија, откако премиерот Борис Џонсон го претстави законот со кој се ограничува влијанието на Брисел во Северна Ирска. Доколку британскиот парламент го усвои законот, може да се воведат измени во четири области од протоколот, кои се однесуваат на царините и проверката на безбедноста на храната, во примената на прописите на ЕУ и измени на ДДВ, како и улогата на Европскиот суд за правда. Со новиот закон би се укинале проверките за голем број производи што се тргуваат меѓу Велика Британија и Северна Ирска