ОДБОЈКА – ЕВРОПСКА СРЕБРЕНА ЛИГА
Македонската машка одбојкарска репрезентација, предводена од селекторот Ратко Павличевиќ, ќе игра на завршниот фајналфор-турнир во Европската сребрена лига, кој ќе се одржи викендов (18 и 19 јуни), во главниот град на Унгарија, Будимпешта.
Македонските одбојкари не блескаа во групната фаза, но успеаја да го освојат второто место со ист број бодови (10), како и репрезентацијата на Албанија, но со подобар сет-количник, што се покажа како пресудно. Прва е селекцијата на Романија, која во решавачкиот меч убедливо пред своите навивачи ја совлада Албанија со 3-0, со што ѝ помогна на Македонија да се пласира на посакуваниот завршен турнир.
Покрај Македонија и Романија од групата Б, на фајналфорот викендов во Будимпешта ќе настапат и селекциите на Унгарија и на Финска од групата А. Победникот, пак, на Европската сребрена лига ќе обезбеди учество во Европската златна лига во 2023 година, како и парична награда од 50.000 евра.
Во полуфиналето, в сабота, Македонија ќе игра против Финска, а Унгарија против Романија. Победниците од овие дуели ќе играат во финалето в недела, а поразените во утешниот меч за трето место.
Македонија ги загуби последните два натпревара од Финска, со по 1-3, на Европското првенство (ЕП) 2021, на кое Финците беа домаќини на групата Ц во Тампере, како и на ЕП 2019 година во Љубљана, Словенија.
На седмото учество во Европската сребрена лига, Македонија по четирите втори и по едно трето и четврто место, ќе се обиде за првпат да триумфира и да игра следната година во поквалитетната Европска златна лига.