Цените на нафтата денеска паднаа на 121 долар за барел поради новиот бран на ковид-19 во Пекинг што предизвика загриженост за кинеската побарувачка и стравувања дека Федералните резерви на САД ќе ја ограничат инфлацијата со уште повисоки каматни стапки.
Во Лондон цената на барелот падна попладне за 88 центи во однос на претходното затворање, на 121,13 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше за 1,17 долари пониско, по 119,50 долари.
Трговците внимателно го следат ширењето на Ковид-19 во Кина и мерките за борба против инфекцијата, плашејќи се дека кинеската политика на нулта толеранција на Ковид-19 ќе ја задуши побарувачката.
Областа Чаојанг во Пекинг, најнаселениот главен град на Кина, најави три нови рунди на масовно тестирање за да се спречи „нескротливата“ зараза што почна да се шири минатата недела. Масовното тестирање треба да трае до среда.
Цените денеска беа поттикнати и од стравувањата дека Федералните резерви на САД повторно ќе ги зголеми клучните каматни стапки, откако најновите податоци, објавени во петокот, покажаа раст на индексот на потрошувачките цени во мај за 8,6 отсто.
Заострената монетарна политика може сериозно да ја задуши економијата, а со тоа и побарувачката за нафта, па инвеститорите внимателно ќе ја следат седницата на ФЕД оваа недела.
Испораките остануваат ограничени бидејќи Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници не се во можност да го зголемат производството како што ветија поради недоволниот капацитет на многу производители, санкциите против Русија и речиси преполовеното производство во немирите во поделената Либија.