За првпат во историјата литар бензин чини над 100 денари, а ни дизел горивото не заостанува многу и чини 95 денари за литар, посочи на прес-конференција во Собранието пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
– Инфлацијата во април кога имаше некакви мерки беше 10,5 отсто, колку ли ќе биде за јуни со вакво ценовно цунами што ни се случува – праша Сојаноски.
Тој посочи и дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата изработиле два закона со кои акцизата за горивата ќе се преполови и ќе се даночат со стапка од 5 отсто, наместо тековните 18 отсто, а прехранбените производи ќе бидат ослободени од ДДВ до крајот на 2022.
– Повикуваме за малку разум кај колегите од мнозинството и сите заедно на итна седница да ги изгласаме предлог-законите за акцизите и данокот на додадена вредност. Цената за литар еуросупер 95 е 104 денари, со прифаќање на нашиот предлог ќе биде 81 денар. Цената за литар еуросупер 98 е 106,5 денари, со прифаќање на нашиот предлог ќе биде 83 денари. Цената за литар еуродизел е 95 денари, со прифаќање на нашиот предлог ќе биде 76 денари – нагласи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.