Ниту една држава не е под ризик од украинскиот конфликт, но тие можеби сакаат да ја искористат американската заштита без да дадат свој придонес, како и сите други Европејци, наведува „Блумберг“ во анализата на новонастанатата ситуација во врска со двете скандинавски земји

Анализа: НАТО пред дилема дали да го прифати членството на Финска и на Шведска

Интересен развој на настаните се одвива од почетокот на руската специјална воена операција против Украина, која, наводно, се води за да се спречи Киев да му се приклучи на НАТО. Аналитичарите укажуваат на своевидно „раздвижување на северот“, поточно дека влијанието на воената операција се прошири и врз две од традиционално неутралните држави во Европа, а тоа се Финска и Шведска. Имено, на 18 мај, само 84 дена по избивањето на конфликтот, шведските и финските амбасадори ги предадоа барањата за влез во НАТО на јавна церемонија во седиштето на Алијансата во Брисел, што најавува сосема поинаква слика на геостратегиски план во овој дел од Европа.
– Ова е историски момент што мораме да го искористиме. Вие сте нашите најблиски партнери, а вашето членство во НАТО ќе ја зголеми нашата заедничка безбедност – порача генералниот секретар Јенс Столтенберг.

Реална или само симболична придобивка?

Според многу показатели, а секако и според најавата на генералниот секретар, се чини дека големи се шансите нивните апликации да бидат брзо одобрени, а НАТО наскоро да добие 32 земји-членки. Сепак, во брзањето да му нанесат удар на Путин со прифаќање на Финска и на Шведска, лидерите на САД и на НАТО можеби не ги земаат предвид потенцијалните трошоци за воведување на уште две земји во она што, на крајот на краиштата, треба да биде организација за колективна одбрана.
Има само две јасни придобивки од внесувањето на двете скандинавски нации. Првата е симболична: обезбедување јасна демонстрација на европска и демократска солидарност против руските дејства во Источна Европа. Втората е техничка: приемот на Финска и на Шведска подобро ќе го усогласи членството во НАТО со членството на Европската Унија (ЕУ), избегнувајќи го неверојатното, но проблематичното сценарио во кое земја-членка на ЕУ е предмет на агресија, но не е покриена со пактот за заемна одбрана на НАТО од членот 5. Меѓутоа, во секој друг поглед, прашањето за финското и шведското членство е покомплицирано и позагрижувачко. Затоа, треба да се размисли за севкупниот европски одбранбен капацитет.
Точно е тоа дека Финска и Шведска имаат високонапредни економии. Државите би можеле да придонесат за технолошките капацитети на НАТО преку националните гиганти како „Ериксон“ и „Нокиа“. Тие, исто така, се поспособни воено од некои други европски држави, особено Финска, која го задржа отслужувањето на задолжителниот воен рок во периодот по Студената војна и има релативно широк опсег на воени надлежности, вклучувајќи ја и најголемата артилериска сила на континентот.
Сепак, од гледна точка на постојните членки на НАТО, а особено на САД, сè уште не значи дека е извојувана чиста победа. Финска и Шведска долго време ги фокусираа своите војски на одбрана на сопствените територии, предизвикувајќи сомнеж за нивната вредност во придонесот за заедничка одбрана, што е во срцето на повелбата на НАТО. Иако двете нации ветија дека ќе ги зголемат своите воени трошоци и капацитети да ја зајакнат пошироката одбрана на Европа, исто така е можно да не го направат тоа. Наместо тоа, тие би можеле да ја искористат воената сила на Америка и нејзиниот нуклеарен чадор без да дадат свој придонес, како што го правеа тоа многу европски држави со години. Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), ниту една земја не е блиску до исполнување на целта на НАТО за трошење на два отсто од БДП за одбраната. Историјата покажува дека најверојатниот исход е дека ќе има уште две држави што ќе го зголемуваат одбранбениот товар на Америка во време кога Вашингтон треба да се насочи кон Азија.

Финската територија е стратегиски кошмар

Треба да се размисли и за прашањето за одбраната на новата територија на НАТО. Признавањето на Шведска би можело да биде стратегиски корисно, дозволувајќи им на силите на НАТО подобро да го контролираат Балтичко Море и да го користат островот Готланд, кој има важна местоположба во близината на балтичките држави и може да биде терен за некој иден конфликт. Од друга страна, финската територија е стратегиски кошмар. Таа драматично ќе ја зголеми изложеноста на Алијансата на секаков вид можни идни напади од страна на Москва. Финска дели граница со Русија во должина од речиси 1.300 километри, а неодамнешното истражување на Центарот за стратегиски и меѓународни студии покажа дека е „силно изложена на руски воени закани“.
Постојат и други причини за претпазливост, вклучувајќи ја и вообичаената загриженост за проширување на Алијансата во сè посложена мрежа на земји-членки. Не треба многу за да се предвиди дека ќе биде уште потешко да се управуваат 32 нации наместо 30. Пред случувањата во Украина, НАТО се бореше да го одржи мирот меѓу Грција и Турција, само неколку нации ја исполнуваа целта за трошење од два отсто, а францускиот претседател Емануел Макрон се најде во фокусот на медиумското влијание со изјавата дека Алијансата доживува „мозочна смрт“. Дури и покрај руската агресија, поддршката за додавање на двете членки не е едногласна. Жестокото спротивставување на Турција за членството на Финска и на Шведска може да биде обид да се извлечат политички отстапки од Алијансата, но исто така тоа се должи и на поддршката на овие земји за курдските каузи.
Лидерите на Алијансата, исто така, треба да го земат предвид ризикот од претерана реакција на Русија. Москва започна три конфликти поради потенцијалното проширување на НАТО, инвазијата на Грузија во 2008 година и Крим во 2014 година пред сегашниот во Украина. Иако Москва очигледно не е во можност да организира уште една голема воена кампања во моментов, сепак не може да се исклучи можноста претседателот Владимир Путин да преземе одговор за проширувањето на НАТО во близината на неговото родно место Санкт Петербург. Во исто време, не е јасно дали Финска и Шведска се изложени на зголемен ризик, освен ако не им се дозволи членство во НАТО. Тие долго време се потпираа на нивниот неутрален статус и домашниот одбранбен капацитет за да спречат кризи. Одбивањето да се примат во НАТО не е нивно извисување, туку едноставно задржување на функционално статус кво.
Симболичната вредност на приемот на две нови земји-членки како цена за руската специјална воена операција во Украина може да покаже успех во Брисел. Но пред да се продолжи понатаму со процесот на пристапување, кој им нуди шанса на лидерите и законодавните тела во секоја земја-членка да дадат свој придонес, политичарите треба да ја разгледаат целата стратегиска слика и дали приемот го зајакнува сојузот или не.
Членот 10 од Северноатлантскиот договор јасно кажува дека постојните членки можат да поканат нови држави да се приклучат доколку „придонесат за безбедноста на северноатлантската територија“. Според тој стандард, стратегискиот причини за прием на Шведска и на Финска во НАТО не се загарантирано трајно решение, се вели меѓу другото во анализата на „Блумберг“.

Подготвил: Марјан Велевски