Нашата држава напиша историја за извонредната интелектуалност на македонската стартап-заедница. Над 30 часа, над 200 учесници, 70 идеи и 10 судии ја зближија стартап-заедницата и покажаа дека во Македонија може одлично да се зборува за бизнис. Организаторите велат дека ова е исклучително амбициозен и возбудлив формат на настан што ги пренесува решителноста и поттикот што го имаат претприемачите, наедно и прв настан од ваков карактер кај нас каде што секој може да ја презентира својата идеја и да дојде до инвестиција во почетна фаза
Светскиот Гинисов рекорд за најдолг бизнис-маратон е срушен во Македонија. Кај нас за првпат се организираше рушење на Гинисовиот рекорд за најдолга презентација во светот на стартап-бизнис идеите пред аудиториум на инвеститори, бизнис-ангели и други. На натпреварот беа претставени над 70 бизнис-идеи пред шестчлена комисија, во која учествуваа истакнати бизнис-ангели на Македонија. Организаторите на настанот велат дека рушењето рекорди не е само за титулата туку за поврзување со луѓето преку возбудата на достигнувањата, додавајќи дека биле сведоци на прекрасни приказни, храбри потези и натчовечки напори од оние што останаа будни цело време.
– Над 30 часа, над 200 учесници, 70 идеи и 10 судии ја зближија стартап-заедницата и покажаа дека кај нас во голема мера се зборува за бизнис. Ова е исклучително амбициозен и возбудлив формат на настан, кој ги пренесува решителноста и поттикот што го имаат претприемачите, наедно и прв настан од ваков карактер кај нас каде што секој може да ја презентира својата идеја и да дојде до инвестиција во почетна фаза. Најдобрите пет идеи добија инвестиција од 25.000 евра, а уште пет други идеи продолжуваат во фаза на разгледување – истакна Сања Митровска, организаторка на настанот.
Зад организацијата на овој настан стои компанијата „Нетворкер“, која и самата има започнато како иновативна бизнис-идеја. Искуството на „Нетворкер“ е токму во развивање иновативни бизнис-идеи преку досегашните спроведени над 50 гугл дизајн спринт работилници и дискусии за над 1.000 бизнис-идеи.
– Верував дека како држава имаме динамична заедница на претприемачи што се проактивни и се спремни на големи предизвици. Меѓутоа да се верува, некогаш значи да се сонува. Екстремно сум благодарна на одзивот на бизнис-идеи и севкупното присуство на настанот од над 200 луѓе, кои го направија мојот сон визија, а не фантазија – посочи Митровска.
Според Николина Цветановска, дел од главните судии и косопственичка на дигитална агенција „Мондеј“, настанов зборува за огромниот потенцијал на македонската стартап-заедница, но уште повеќе и за големата способност на организациите да донесат едно вакво случување од светски рамки и кај нас.
– Ова беше неверојатно искуство од светска класа. Како еден од главните судии, би рекол дека беше повеќе од вредно да се биде концентриран точно 30 часа и две минути без одмор, со цел да се слушаат, да се прашуваат, да им се даваат повратни насоки, како и да се евалуираат најиновативните идеи од македонските стартапи – истакна Мирослав Драганов, дел од главните судии.
Главниот судија и инвеститор Марко Миленковиќ посочи дека она што го постигна овој настан и што, секако, претставува негова најголема вредност е изместувањето на вкоренетиот начин на размислување на овдешниот човек од „убаво кажано, но никогаш направено“ во „добро направеното е подобро од добро кажаното“.
– Успешноста на настанот нѐ обврзува да продолжиме во насока на правење на невозможното – возможно – додаде Миленковиќ.
Од Акцелераторот УКИМ посочија дека ова е одлична можност да се здружат силите со комплементарни инвеститори од екосистемот за стартапи и иновации, со цел да се мобилизираат 150.000 евра и да се инвестира 25.000 евра за секоја од петте најнапредни стартап-идеи и дополнително да се поддржи нивниот раст со континуирана менторска поддршка, пристап до пазар и пристап до следните инвестиции.
– Ова беше извонредна можност да запознаеме 60 високомотивирани тимови, кои ги претставија иновативните и алтернативни решенија за различни бизнис и општествени проблеми – нагласи Александар Стамболиев, извршен директор и коосновач на Акцелераторот УКИМ. К.М.