Фудбалерите на Реал Мадрид го подигнаа 14-тиот пехар во Лигата на шампионите, откако вечерва со 1-0 го совлада Ливерпул во големото финале одиграно во Париз.
Иако „црвените“ имаа повеќе шанси од игра , сепак, на крајот „кралевите“ со еден гол успеаја да дојдат до големиот пехар.
Винисиус Жуниор беше човекот кој што погоди во мрежата на Алисон во 59. минута, додека пак херој на мечот е голманот на Реал, Тибо Куртоа кој што собра дури девет одбрани на мечот.
Во финишот од средбата Реал можеше да стигне и до втор погодок, но неуспеа, а Ливерпул на крајот нападна и со Ван Дајк и со сите сили, но „кралевите“ се одбранија и стигнаа до 14-тиот трофеј.
За Карло Анчелоти ова е четврти трофеј во историјата во ЛШ, во петтото финале со што и ги надмина Зинедин Зидан и Боб Пејсли.
Последен пат „кралскиот клуб“ го освои трофејот во сезоната 2017/18.
Финалето започна со повеќе од половина час доцнење. Почетокот на натпреварот мораше да се одложува три пати. Според прес-службата на УЕФА, почетокот на финалето на Лигата на шампионите е одложен „поради безбедносни проблеми“. Како што се испостави, многу навивачи не можеа навреме да стигнат до стадионот. Имаше информации и дека некои навивачи упаднале во арената без билети. Полицијата употреби солзавец врз навивачите, што само доведе до поголем немир.