Спасеновски е поранешен европски првак за јуниори (до 21 година) во 2019 година и трет на ЕП 2016 за јуниори. Денеска за бронзен медал ќе се бори и Вероника Костовска, освојувачка на златен медал на ЕП 2014 за кадети

КАРАТЕ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ТУРЦИЈА

Со оглед на тоа дека денешниот противник Оз Мурат е на домашен терен, ме очекува тежок меч. Ќе дадам сѐ од себе и со добро подготвена тактика се надевам на победа и бронзен медал, вели Петар Спасеновски, пред настапот во борбата за третото место на Европското првенство (ЕП) во Газиантеп (Турција).
Спасеновски (24), кој е поранешен европски првак за јуниори (до 21 година) во 2019 година и трет на ЕП за јуниори во 2016 година, настапува во борби (категорија до 84 кг, во која имаше 38 учесници).
– На ова ЕП забележав три победи и еден пораз и задоволен сум од прикажаното. Ги елиминирав Лука Ретенбахер од Австрија со 3-0, Мерис Муховиќ од БиХ со 1-0 и Ибањез Сајнц-Торе од Шпанија со 3-2, а загубив од Енис Гарибовиќ од Хрватска со 3-0. За жал, немањето малку спортска среќа ме спречи да влезам во финалето – вели Спасеновски.
Денеска за бронзен медал ќе се бори и Вероника Костовска (22). Таа во почетокот на ЕП загуби од Германката Ана Мигу (0-7), но се стекна со право за настап во репасажот, каде што ги совлада Антеа Стиланиу од Кипар (6-2) и Киа Копонен од Финска (3-0). Костовска е млада и мошне талентирана каратистка, која освои злато на ЕП 2014 за кадети, а била петта на ЕП за јуниори (до 21 година) и деветта на сениорското ЕП 2018.
– Во екипна конкуренција во борби и мажите и жените загубија во првото коло. Машкиот тим од силната Шпанија со 1-3, а женскиот тим од Словачка со 1-2, која, пак, во својот состав на ова ЕП има две поединечни финалистки во категориите до 61 кг и до 68 кг. Сепак, ќе бидам пресреќен ако од Турција се вратиме со две бронзи – вели селекторот во борби Александар Кузмановски.
Во дисциплината кати, Пулексенија Јованоска со 22,16 бода беше петта во групата четири, вкупно 21., а Кристијан Бајовски со 22,66 бода, исто така, петти во групата четири, вкупно 17-ти. Екипно машкиот ката-тим со 22,52 бода беше трет во групата еден, а вкупно седмопласиран. Во женска конкуренција Македонија немаше екипен настап. На ЕП во Турција учествуваат 505 натпреварувачи од 45 држави.