Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонската репрезентација в среда го игра првиот меч, со БиХ, во Скопје, во групата Б, во која се и селекциите на Романија и на Албанија. Првопласираните две репрезентации ќе играат на фајналфор-турнирот во Будимпешта, во јуни

ОДБОЈКА – В СРЕДА ПОЧНУВА НОВОТО ИЗДАНИЕ НА ЕВРОПСКАТА СРЕБРЕНА ЛИГА

Имавме одлични услови за работа во Маврово, сѐ беше супер, добро се тренираше, задоволен сум од ангажманот на сите одбојкари. Нѐ очекуваат нови предизвици годинава, со комбинирана репрезентација, во која има постари, поискусни, но и помлади одбојкари. Сите беа многу посветени на работата, се надевам дека ќе имаме голема корист од тоа и очекувам некој од помладите да се наметне. Викендов имавме мал одмор, а од денеска продолжуваме со тренинзите во Скопје, пред првиот меч в среда со БиХ, вели селекторот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Ратко Павличевиќ.
Македонија е во групата Б во Европската сребрена лига, заедно со селекциите на БиХ, Романија и на Албанија, против која одигра два контролни меча од затворен тип (3-1 и 0-3). Во групата А има само две репрезентации, Унгарија и Финска, по откажувањето на Азербејџан. Унгарија и Финска се веќе сигурни учесници на фајналфор-турнирот во Будимпешта во јуни, на кој ќе настапат и двете првопласирани селекции од групата Б.
– Мислам дека сме добро подготвени за тоа што нѐ очекува во наредните денови и недели, иако можеби ќе беше подобро доколку одиграме уште некој контролен натпревар. Што се однесува до противниците, немаме подетален увид во нивната форма, бидејќи немаат скоро играно мечеви, а тоа од лани не мора ништо да значи. Останува низ натпреварите да видиме што и како играат, да се приспособуваме и да се подобруваме – вели Павличевиќ.
Од играта на капитенот, Никола Ѓоргиев, најдобриот и најискусен во овој состав, кој имаше одлична трофејна сезона во АЦХ Љубљана, зависат многу работи.
– Нѐ очекуваат уште неколку тренинзи пред првиот меч. Апетитите се големи, се надевам дека на премиерата ќе играме добро и ќе ја победиме БиХ. Добро трениравме, на двете контролки имаше добри работи во играта, желбата и мотивацијата кај сите беа многу добри. Но и имаше и некои, би рекол, негативни работи, кои ќе треба да ги исправаме. Се наоѓаме во нов амбиент, со нови играчи, па затоа ќе биде потребно некое време и трпение да се најдеме сите заедно и подобро да се уиграме – вели Ѓоргиев.


МЕЧЕВИТЕ НА МАКЕДОНИЈА ВО ГРУПАТА Б

Македонија – БиХ среда
Романија – Македонија сабота
Македонија – Албанија 1 јуни
Албанија – Македонија 4 јуни
Македонија – Романија 8 јуни
БиХ – Македонија 11 јуни

Фајналфор-турнирот е во Будимпешта, на 18 и 19 јуни