Интегрираното воено планирање во структурите на НАТО ќе стане многу поедноставно, што ќе го направи регионот полесен за одбрана со пристапувањето на овие две скандинавски земји, смета Лорн Кук од „Асошиејтед прес“
Важноста на северното проширување на Алијансата за трансатлантската безбедност
Ова најверојатно ќе биде најбрзото проширување на НАТО досега, кое наново ќе ја исцрта безбедносната мапа на Европа. Неодамна, финските лидери ја објавија својата увереност дека Финска треба да се приклучи во најголемата светска воена организација поради украинскиот конфликт. Шведска се одлучи да ја следи во чекор. Членството на овие две земји во НАТО би имало далекосежни последици за Северна Европа и трансатлантската безбедност. Нема сомнеж дека тоа ќе го налути нивниот голем сосед Русија, која својата специјална воена операција во Украина барем делумно ја оправдува со постојаното ширење на НАТО до нејзините граници. Нејасно е како рускиот претседател Владимир Путин би возвратил, а Кремљ веќе излезе со соопштение дека ова сигурно нема да ја подобри европската безбедност.
Финска и Шведска
Иако не се неутрални како Швајцарија, Финска и Шведска традиционално себеси се сметаат за „воено неврзани“. Меѓутоа, руската специјална воена операција во Украина и очигледната желба на Путин да ја етаблира Москва како централна „сфера на влијание“, во корен ги разнишаа нивните безбедносни ставови. Јавното мислење драматично се промени веќе неколку дена по 24 февруари и наредбата на Путин за инвазија на Украина. Со години поддршката во Финска за членство во НАТО се движеше помеѓу 20 и 30 отсто. Во моментов таа изнесува над 70 отсто. Финска и Шведска се два најблиски партнери на НАТО, но одржувањето добри врски со Русија претставуваше важен дел од нивната надворешна политика, особено за Финска. Сега тие се надеваат на безбедносна поддршка од членките на НАТО, првенствено од САД, во случај Москва да реши да возврати. Велика Британија исто така излезе со ветување дека ќе им понуди помош.
Скандинавски Регион
Нивното членство во НАТО и придружувањето кон регионалните соседи Данска, Норвешка и Исланд би ги формализирале нивните заеднички безбедносни и одбранбени напори на начин на кој нивниот пакт за скандинавска одбранбена соработка не успеа. Функционирањето во рамките на НАТО значи ставање на силите под една заедничка команда. Пристапувањето ќе ја засили стратегиската скандинавска контрола во водите на Балтичко Море, кое го овозможува рускиот пристап до градот Санкт Петербург и неговата енклава Калининград. Исто така, Финска и Шведска се придружуваат, заедно со Исланд, во срцето на триаголникот формиран од северноатлантските и поморските области на Арктикот, до каде што Русија ја проектира својата воена моќ, почнувајќи од северниот полуостров Кола. Интегрираното воено планирање во структурите на НАТО ќе стане многу поедноставно, што ќе го направи регионот полесен за одбрана.
НАТО
Финска и Шведска се најблиските партнери на НАТО. Тие веќе даваа свој придонес во операциите на Алијансата и контролата врз воздушниот простор. И што е најважно, тие веќе ги исполнуваат критериумите за членство, имаат функционална демократија, јасно одредени граници и вооружени сили што се во чекор со сојузниците. По почетокот на украинскиот конфликт, тие официјално ја засилија размената на информации со НАТО и учествуваа на сите состаноци посветени на воени прашања. Двете земји ги модернизираат своите вооружени сили и инвестираат во нова опрема. Финска набавува десетици висококласни воени авиони „Ф-35“. Шведска располага со висококвалитетни борбени авиони „грипен“. Финска изјави дека веќе ги достигнала препораките на НАТО за одбранбени трошоци во висина од два отсто од БДП. И Шведска го зголемува својот воен буџет, очекувајќи дека ќе ја постигне оваа цел до 2028 година. Минатата година, просекот за одбранбени трошоци во рамките на НАТО изнесуваше 1,6 отсто.
Русија
Во текот на својот свечен говор на 9 мај, Путин побара од НАТО да престане со експанзијата и го обвини Западот за конфликтот во Украина. Меѓутоа, јавното мислење во Финска и на Шведска сугерира дека токму тој е оној што ги „фрла“ во прегратките на Алијансата. Доколку Финска влезе во НАТО, тоа ќе ја удвои должината на границата на Алијансата со Русија, „додавајќи“ дополнителни 1.300 гранични километри што Москва ќе мора да ги брани. Путин вети дека ќе има „воен, технички“ одговор доколку двете земји ѝ се придружат на Алијансата. Но западни воени лица изјавуваат дека голем број единици од западниот руски округ во близината на Финска биле испратени во Украина и дека претрпеле тешки загуби.
Засега Москва не прави никакви очигледни чекори да ги одврати овие две земји од приклучување во НАТО, освен можеби неколкуте инциденти, кога руски авиони навлегоа во нивните воздушни простори. Неодамна Кремљ соопшти дека неговиот одговор ќе зависи од тоа колку блиску до руските граници ќе се придвижува инфраструктурата на НАТО. Поединци во НАТО изразија загриженост дека Русите би можеле да распоредат нуклеарно оружје или поголем број суперсонични ракети во енклавата Калининград, која се наоѓа меѓу Полска и Литванија, сојузнички на Алијансата.
Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска