Украинската криза би требало да биде повик за будење на Европската Унија и повик за поголем ангажман и посветеност на Западен Балкан, да делува активно за да биде јасна нашата европска перспектива, вели заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ во изјава за српската агенција „Танјуг“.
Маричиќ додаде дека од почетокот на формирање на новата Влада се водат интензивни разговори со Бугарија и се работи на реформскиот план со цел преговорите да започнат што е можно поскоро.
– Не се врзуваме со датуми, но очекуваме да се искористи лидерството на претседателот Макрон и на Франција за време на нивното претседателство и да ги започнеме преговорите, бидејќи 17 години сме држава кандидат, ги исполнивме сите услови и реално го заслужуваме тоа, но сепак останува одлуката на Унијата – рече Маричиќ.
На прашањето за иницијативата „Западен Балкан“, како што соопшти СЕП, вицепремиерот посочи дека тоа е добра иницијатива која треба да се надоградува и смета дека треба да се вклучат Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, и заедно да покажат како регион дека може да се направат позитивни работи за граѓаните.
– Многу е важно да им покажеме на граѓаните дека државите од регионот – Северна Македонија, Србија и Албанија,можеме да им го олесниме животот на граѓаните и да ги направиме младите професионалци мобилни во целиот регион. „Зелените коридори“ вистински профункционираа и многу помогнаа во оваа криза за бизнисот и снабдувањето со основните намирници да се олесни и треба да бидеме благодарни на таквата можност, да можеме да го задржиме нивото на снабдување на сите производи, токму поради таа соработка – истакна Маричиќ.