На сцените на Центарот за култура и Битолскиот театар, под мотото „Помеѓу“, утре ќе почне 23-то издание на Интернационалниот фестивал на Монодрамата, на кое ќе бидат изведени 13 монодрами од 11 држави во светот.
Во текот на седум дена, колку што ќе трае фестивалот во Битола, ќе бидат прикажани монодрами од Велика Британија, Ерменија, Хрватска, Шпанија, Азербејџан, Полска, Израел, Бугарија, Молдавија и Романија, со уметнички сензибилитет на новодефинираните театарски тенденции.
– Скапоцено е што Битола е запишана на светската мапа на фестивали на монодрама. Оваа година растоварени од ковид-протоколите, одлучивме да направиме светски фестивал, во кој љубителите на монодрамата ќе можат да уживаат во сериозната и квалитетна уметничка продукција. Со поддршка на Министерството за култура, Општина
Битола и на неколку спонзори, работевме повеќе месеци на овој проект за да го донесеме најдоброто – нагласува Маја Андоновски Илијевски.
Жири-комисијата ќе биде составена од режисерот Владимир Милчин, актерката Бедиа Бегова и македонскиот писател и драмски уметник Сашо Димоски. Селектор на фестивалот е доајенот на македонскиот тетатар, актерот Петар Мирчевски.
За годинашниот фестивал аплицираа над 70 монодрами од целиот свет. Програмата има одличен избор и од аспект на текстови, и од аспект на продукција, а актерскиот чин на
креирање на монодрама ќе го оживее театарскиот свет на
малку поинаков начин, истакна Петар Мирчевски пред новинарите.
Свеченото отварање на фестивалот ќе биде со претставата „Само глас“ на МНТ Скопје, додека затворањето е на 21 мај со претставата „Странци“ на Драмски театар Скопје.
Годинава новина е дневната оф-програма која од 12 до 15.часот ќе се случува на делови и од Широк Сокак со учество на актери од Статуа Фест. М.М.