Вечерва и утре во Прилеп

Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“ почнува вечерва, во 19 часот, во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, а ќе продолжи и утре. На ова издание на „Силјан Штркот“ со свои претстави ќе настапат три национални театри (Велес, Куманово, Штип), а придружната програма вклучува промоции на илустрирани авторски изданија за деца и краток филм, изложба и концерт на познати детски рефрени.
Фестивалот свечено ќе биде отворен со поздравен говор и со новата фестивалска химна „Ра-шири крилја“, на авторот Томе Темелкоски. Изведувачи на химната се Александра Трајческа и хорот при гимназијата „Мирче Ацев“, а на сцената ќе настапат учениците од шесто одделение при ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“.
Во рамките на фестивалот ќе се одржи тематска изложба на децата од градинките „Наша ид-нина“ и првоодделенците на ОУ „Кире Гаврилоски-Јане“, на претходно зададена тема „Штрк“. Отворањето на изложбата ќе биде пред почетокот на фестивалот, а ќе биде достапна за посетителите во текот на целиот фестивал. Исто така, ќе биде промовирана „Сонцето и кралицата на темнината“ на авторката Оливера Андоновска, со илустрации од Александар Џинго.
При интерактивното фестивалско затворање ќе се одржи концерт на детски песни со бендот „Д фор“ и премиерно ќе биде прикажан детскиот филм „Снежана и седумте џуџиња“ во стоп-анимација, во продукција на „Мал театар“ – Прилеп и „Мр.тлаб“.
Ќе биде промовирана и илустрираната приказна за деца „Ана и нејзиниот велосипед го спа-суваат градот“, во рамките на проектот „Детски велоприказни“, поддржан од Делегацијата на ЕУ во РСМ. Со комбинирани активности, со поврзување на уметнички форми и физички активности, блиски до детската фантазија и логика, приказната има цел да влијае врз здравјето на децата, заштедата на енергија и, секако, врз животната средина.
Идејата за фестивалот во 2019-та ја поттикнаа актерките Марија Спиркоска Илијеска и Анге-ла Наумовска од здружението на граѓани „Мал театар“-Прилеп. Главната цел е промовирање на театарската уметност, културните вредности и естетиката, преку интерактивни содржини со најмладата публика, јакнење и одржување на пријателството, хуманоста, толеранцијата и љубовта помеѓу децата, како и градење нова театарска публика.
Фестивалската маскота Силјан Штркот, односно Илија Волчески, е идејно решение на Александар Џинго. Маскотата ја симболизира преобразбата на Силјан од штрк во човек и обратно.

Ка.М.