Уште од почетокот на воените дејствија во Украина, на Змискиот Остров му беше дадено клучно значење и речиси митски статус во конфликтот. Можеби се чини како мало парче земја без јасен значај, но неговата судбина е важен елемент во војната. Островот беше заземен од Русија и доби стратешко значење на бојното поле, пишува „Би-би-си“.
Русија тврди дека Украина претрпела катастрофални загуби во неуспешниот обид да ја врати контролата врз островот, вклучувајќи загуби на специјалните сили, воени авиони, хеликоптери и дронови. Украина, пак, инсистира оти ја ограничила кампањата на напади врз руските капацитети на островот и врз бродовите.
– Ако руските трупи успеат да го окупираат Змискиот Остров и да постават системи за противвоздушна одбрана со долг дострел, тие ќе ги контролираат морето, копното и воздухот во северозападниот дел од Црното Море и на југот на Украина – вели украинскиот воен експерт Олех Жданов во изјава за „Би-би-си“.
Битката не е готова и Русија допопнително се обидува да го засили военото присуство на Змискиот Остров, според британските разузнавачки податоци. Островот зазема површина помала од квадратен километар, но нема сомнеж за неговото значење во поглед на контролата на западниот брег на Црното Море.
Началникот на разузнавачката служба на украинската армија Кирило Буданов изјави дека Украина ќе се бори „колку што ќе биде потребно“ за Змискиот Остров. Тој што го контролира oстровот може во кој било момент да го блокира движењето на цивилните бродови во сите правци кон југот на Украина, посочи Буданов.
Според официјални лица, изминатите денови обновените борби за Змискиот Остров би можеле да се претворат во битка за контрола над западниот брег на Црно Море.