Северна Кореја истрелала „неидентификуван проектил“ од крајбрежниот појас кон морето во источна насока, соопшти Генералштабот на Армијата на Јужна Кореја.
Од почеткот на оваа година Пјонгјанг досега спроведе десет ракетни тестирања, меѓу кои и на интерконтинентална балистичка ракета, за првпат од 2017 година.
Властите во Северна Кореја најавија продолжување на развојот на својот нуклеарен арсенал, притоа игнорирајќи ги повиците на САД за дијалог.
Последните тестирања на ракетните потенцијали на севернокорејската армија се случуваат во време на примопредавање на власта во Сеул, каде наредната седмица функцијата треба да ја преземе новиот јужнокорејски претседател Јун Сук-Јол кој најави построг став во односите кон Северна Кореја.
САД би сакале Советот за безбедност на ОН овој месец да гласа за нови санкции против Северна Кореја поради нејзиното обновено лансирање балистички ракети, изјави денеска американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд.
Минатиот месец, САД испратија првична нацрт-резолуција до 15-члениот Совет, со која се предлага забрана за извоз на тутун и двојно намалување на извозот на нафта во Северна Кореја и ставање на црната листа на хакерската група Лазарус.
– Нашиот план е да продолжиме со таа резолуција овој месец – истакна американската амбасадорка како одговор на прашањето дали ќе го стави документот на гласање, бидејќи во мај САД претседаваат со Советот за безбедност.
Русија и Кина веќе сигнализираа противење на новите санкции. За усвојување на резолуцијата потребни се девет гласови „за“.
– Многу сме загрижени за ситуацијата. Се надеваме дека ќе можеме да го задржиме единството во СБ при осуда на тие севернокорејски дејства, истакна Томас-Гринфилд.
Северна Кореја е под санкции на ОН од 2006 година.