Од творештвото на писателот за деца Перо Миленкоски (8)

Драги деца, на страниците на „Колибри“, во десетина продолженија, објавуваме една многу поучна серија, преку која ќе научите важни нешта за сообраќајот, но на лесен и интересен начин. Тука ќе можете да прочитате песнички на познатиот писател за деца Перо Миленкоски токму на оваа тема.

– Брзиот доброорганизиран сообраќај е насушна потреба на современиот човек. Тоа е голема придобивка за секого од нас. За негово безбедно и непречено одвивање, постојат правила и прописи преточени во закони. Улиците и патиштата се обележени вертикално и хоризонтално, а за редот во сообраќајот се задолжени сообраќајци, секогаш подготвени да им помогнат на возачите и на пешаците. Сообраќајните знаци, пак, се скапоцена помош сѐ да се одвива непречено. Вака организиран, сообраќајот би требало да ни носи само задоволство. Но, за жал, не е секогаш така. Често на патиштата, дури и на пешачките премини, се случуваат сообраќајни незгоди, кои завршуваат со повреди и со тешки последици. Децата како учесници во сообраќајот често се жртви на невнимателни возачи, а поретко и на свое невнимание – вели Перо Миленкоски за она што го поттикнало да ја напише оваа едукативна книга.
За да придонесеме кон сообраќајното воспитување на најмладите, во наредните десет изданија на „Колибри“ ќе објавиме дел од поетската збирка „Детестоп“ на овој автор. Основната порака на неговите стихови гласи: „Внимателно движи се и за себе грижи се“!


Кога се возам со тате

Кога се возам со тате
во спокојство јас си цветам:
„стојадинот“ мирно си оди,
среќен си патувам, шетам.

Кога се возам со тате,
си читам песни, сказни.
Вози внимателно, добро,
познава прописи разни.

Кога се возам со тате,
си седам мирно, без трема:
знак да не почитува некој –
таков знак не постои, нема.

Кога се возам со тате,
си мислам, желба си кријам:
кога ќе пораснам – дали
ќе возам вака и јас?


Кога бате кон сончевината се извишува

Кога бате кон сончевината
се извишува
со очите предели сакани
гали,
прекрасна поема за татковината пишува,
а во срцето оганче топло му се пали.

Кога бате кон небото
се вивнува
неизмерна радост на лице
му блика:
од срце одекнува песна што не стивнува,
сокол е полетен од среќа
што клика.
Кога бате полињата
ги надлетува,
житата раскласани
и тревките меки,
чувствува: и во него
расцветува
нежноста од песните
на птиците леки.

Кога бате кон височините храбро се упатува,
во часови ноќни или утра
рани,
нашата љубов и благодарност го позлатува
зашто слободата и игрите
ни ги брани.


Ај погоди што е тоа?

Брег со брег се ракува

Брег со брег се ракува
над водите сини,
кога одиш по него
внимателно мини.
Оди бавно, полека,
в река да не полеташ.


За авторот

Перо Миленкоски е современ македонски поет за деца и млади. Роден е во селото Слепче, општина Долнени. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1995 година. Завршил учителска школа „Гоце Делчев“ во Штип и дипломирал на Педагошката академија во Битола, на групата за македонски и српско-хрватски јазик. Работел како наставник и новинар во „Нова Македонија“, при што 23 години во додатокот за најмладите читатели „Колибри“, од кои 13 години како негов уредник. Живее во Скопје.
Ги издал збирките поезија: „Најубав ѓердан“, „Има една земја мила“, „Малиот сообраќаец“, „Детестоп“, „Сонце во око“ и „Сончев дворец“.