Град Скопје ќе набавува шест хибридни возила и едно патничко транспортно возило за превоз на девет патници. Вкупна вредност на набавката e предвидена до 8.200.000,00 денари, со вклучен ДДВ.
Од Градот Скопје информираат дека набавката се врши поради застарениот возен парк и недостигот на возила за навремено извршување на работните задачи на администрацијата ќе ги набави овие мали патнички возила, кои се со хибриден погон и максимална емисија на гасови од 100g/km (еуро 6).
– Поголем дел од возилата кои се на располагање во возниот парк и секојдневно се користат по потреба за администрацијата на Градот се од типот еуро 4, се амортизирани од повеќегодишна експлоатација, дотраени и постојано се сервисираат, велат од Градот Скопје.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов потенцира дека набавката на нови хибридни моторни возила ќе овозможи поефикасен, поекономичен и побезбеден превоз на вработените во администрацијата во Градот Скопје и на другите корисници на услугите на превоз.
– Овие возила ќе ги користат инспректорите, службите од урбанизам, животна средина, сообраќај и другите служби од Градот кои се на терен. Патничкото транспортно возило за превоз на девет патници ќе се користи за превоз на поголем број лица на администрацијата и на домашни и гости од странство при работни посети, рече Шилегов.
Тој додаде дека споредено со потрошувачката на старите автомобили, што моментално ги користи градската администрација, најголемата предност на хибридните возила е тоа што емитуваат значително помалку ЦО2, што речиси воопшто не го загадуваат воздухот и се идентификувани како клучна технологија за намалување на идните емисии и потрошувачката на енергија во секторот за мобилност.
Од Град Скопје појаснуваат дека повеќето од хибридните возила се дизајнирани со максимален фокус на мала тежина и компактни димензии, со што овие возила се добро адаптирани на градските средини, што претставува дополнителна предност за потребите на Град Скопје и градоначалникот во извршувањето на секојдневните обврски.
Оттаму додаваат дека иако Градот има и електрично возило една од причините што набавува хибридни возила е недостигигот на полначи за електрични возила низ градот, но и надвор од Скопје.
Одлуката за набавка на возилата ја донесе Советот на Градот Скопје на денешната 19-та седница.