Настаните што се случија на 27 април 2017 година, со упадот на граѓаните во Собранието, спорната процедура за избор на новата влада, пеењето химна на друга држава од собраниската говорница, несомнено се преседан од политичка и правна природа. Но проблемот се мултиплицира со тоа што ваквото поведение станува практика во повеќе области, односно политиката се наметнува пред владеењето на правото

ПЕТ ГОДИНИ ОД УПАДОТ ВО СОБРАНИЕТО

Пет години по настанот квалификуван како „упад во Собранието“, но и „крвавиот четврток“ во Македонија, дебатата за (не)легитимноста на причините и последиците што доведоа до насилна ескалација на случувањата сѐ уште тлее како незавршен процес и на политичко, но и на општествено-јавно ниво. Без никаква резервираност во осудата на насилството што се случи во Собранието на тој 27 април 2017 година, кога околу 300 лица упаднаа во законодавниот дом, со намера да се спречи изборот на претседател на парламентот, судската разврска, односно квалификацијата на делата на оние што беа препознаени како сторители на насилните дејства, како и изречените казни и понатаму се предмет на различни кривичноправни мислења. Дополнителна комплексност на овој кривичноправен контекст на настаните од 27 април предизвикува и фактот што некои од актерите, кои првично беа посочени како главни сторители, не се осудени, па и уживаат одредени привилегии.
Гледано од друг аспект, низ призмата на леснотијата на носење суштински одлуки во Собранието во изминативе пет години, кои значително влијаеја на промената на карактерот на државата Македонија, се наметнува дилемата дали тој 27 април е своевидна пресвртница за работење со преседани, во кои политичката прагматичност бескрупулозно се наметнува пред владеењето на правото и ја релативизира правната процедура при носењето одлуки.
– Крвавиот четврток, наречен според последиците од настаните во Собранието на 27 април 2017 г., секако е преседан во парламентарната демократија според интензитетот на насилството што се случи. Како непосреден сведок на настаните, јас сум уверен дека таквиот инцидент беше планиран, со намера да заврши со прогласување вонредна состојба. Во однос на изречените пресуди и квалификацијата на делото на оние што беа препознаени од законот како сторители и организатори на насилството, можам да кажам дека како што постои пресумција на невиноста, така би требало да се почитува и пресумцијата на пресудата. Односно додека не се докаже спротивното низ законска постапка, се почитува важечката пресуда – вели професорот Ферид Мухиќ, кој беше активно присутен во Собранието, како пратеник на 27 април 2017 година.

Од петгодишна временска дистанца, во однос на препознавањето на тој датум како пресвртница за посегнување по преседаните во работата на Собранието и воопшто во политичкото дејствување во Македонија, професорот Мухиќ смета дека преседанот со насилството што се случил тој ден не треба да се става во корелација со понатамошната леснотија на носење одлуки во Собранието, со кои се релативизираше конститутивноста на Уставот и на законското уредување на државата.
– Не би барал некоја условнопоследична причина за неодговорноста кон почитување на правото, правните процедури и воопшто правната држава при носење суштински важни одлуки, со насилството манифестирано во Собранието на тој 27 април. Тоа се преседани од различна категорија, со тоа што релативизацијата на правото и правната држава е од постар датум во Македонија, па 27 април 2017 г. не би можел да биде критичниот ден за пресвртница во зачестеното посегање по правните преседани. И претходно постоеше неславна традиција на преседани во кои политиката ја релативизираше правната држава, што започна од потпишувањетo на Охридскиот договор. Тогаш, со тој договор се случи милитанти, по кои беше распишана меѓународна потерница, да влезат во македонското собрание и веќе дваесетина години да имаат одлучувачко влијание во политиката. Во околности кога би немало влијание од надворешни политички фактори, таква трансформација од терористичка организација во политичка партија што директно влегува во Собрание… не би минала толку лесно. Оттогаш, леснотијата на релативизирање на Уставот и законите при носење суштински одлуки за државата во Собранието се претвори во рутинско прекршување на правото и правната држава – вели професорот филозоф Ферид Мухиќ.
За универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ случувањата во македонското собрание на 27 април 2017 г., пред сѐ треба да бидат предмет на интерес на кривичното право. Но во една кратка споредбена анализа, тој прави и одредена генеза на случувањата, кои наведуваат на создавање преседан со поголема меѓународна политичка димензија.

– Судската разврска со пресудите за учесниците во насилството во Собранието на „крвавиот четврток“ во 2017 година е повеќе предмет за анализа на компетентните познавачи на кривичното право. Сепак, јас правам генеза на собраниските инциденти со насилство, како политички инструмент за супремација над правото. И пред „крвавиот четврток“ во македонското собрание имавме еден „црн понеделник“, кога политичкиот антагонизам меѓу власта и опозицијата ескалира во сериозен инцидент, но тогаш не беше со толку манифестирано насилство и последици. Потоа, на 6 јануари 2021 година, во Конгресот на САД се случи речиси идентичен насилен инцидент, поради непризнавање на изборните резултати за избор на претседател на САД, по речиси истиот шаблон како во македонското собрание во 2017 година. Американците тој ден го нарекоа „смртоносна среда“, затоа што имаше и четворица (подоцна се констатирани и петмина) загинати. Американските судови имаат поголемо искуство и се поефикасни, па побрзо дејствуваа во судската разврска за тоа да не им се повтори, но и побрзо да се воспостави рамнотежата на независните столбови на власта. Кај нас, за жал, потешко се диференцираат ингеренциите во независноста на функционирањето на тие столбови на власта и политичката прагма и понатаму е доминантна во функционирањето на правната држава – вели професорот Светомир Шкариќ.
Адвокатот Александар Тортевски смета дека настаните од 27 април 2017 г. беа најдрастична манифестација на притисок со насилство на политиката над правото.

– На тој ден се покажа во најдрастична форма она што и претходно беше познато, колку политиката е бескрупулозна во своите интереси, подготвена целосно да ги потисне правото и правната држава. Она што е поразително по пет години од тие настани е сегашната состојба, во која наместо да извлечеме поуки од сето тоа што ни се случи, ние во Македонија продолжуваме, па дури и постојано го надградуваме тој систем на уривање на правната држава. Ако настаните што доведоа до промена на власта (што беше претходница и причина за случувањата во 2017 г.) беа предизвикани од одлуката за аболиција на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, подоцнежната (селективна) амнестија во законска форма за дел од учесниците и сторителите на насилни дејства при упадот во Собранието сериозно ги компромитира принципите на правната држава. И тоа е само еден пример на преседан по критичниот миг, ако така го наречеме 27 април 2017 г., по кој требаше да се воспостави демократија во која се почитува владеењето на правото… – вели адвокатот Александар Тортевски.