ИДЕАЛИТЕ ОД 11 ОКТОМВРИ

Годинава државата го одбележува Денот на народното востание на македонскиот народ, 11 Октомври, во една политички тензична и поларизирана атмосфера. Резултатите од неодамнешниот референдум го потврдуваат тоа. Но каде била Македонија во периодот на востанието против фашизмот, а каде е денес, дали има сличности во идеалите на тогашните генерации споредено со денес, кога владее , претседател на градскиот одбор на Сојузот на борци, директен учесник во НОБ, како и со Драги Аргировски, претседател на Сојузот на пензионери на Македонија, новинар и публицист.

– Кога би направил споредба меѓу Првата и Втората светска војна, како заклучок можам да го извлечам следново: во Втората светска војна ние влеговме со чиста македонска национална свест, немаше меѓу нас гркофили, бугарофили и слично. Не бевме дел од никаква пропаганда. Тоа е македонска национална свест, која беше многу моќна. Не ни беше лесно нам, ние што излеговме во битка на 11 октомври 1941 година, кога Германците ја имаа окупирано цела Европа. Но нѐ водеше силната верба во победата над фашизмот – се потсетува Стаматоски, кој на 16-годишна возраст учествувал во борбите.

Тој вели дека 11 октомври е прогласен за почеток на востание, но тоа не значи дека немало акции и жртви и претходно. Во мај 1941-та, скопските скоевци запалиле германски камион во Скопје, а потоа и германски авион на аеродром. Во јули во Тиквешијата бил убиен Диме Поп Атанасов од бугарските фашисти. А на 22 август бил формиран првиот скопски партизански одред. Во почетокот на август, припадници на одредот влегле во Скопје и се обиделе да го убијат бугарскиот агент Мане Мачков. Во тој атентат загинал Благоја Деспотовски.

– Јас сум горд на она што сум го направил. Извојувавме слобода за македонски народ и сопствена држава. Тие што сакаат да ја рушат, не можат да ја имаат нашата поддршка. Ние не можеме да се откажеме од она што сме го создале со илјадници жртви – дециден е Стаматоски.

Во однос на прашањето за името, тој смета дека каква било промена не е пријатна.

– Мене ми е јасно дека влезот во ЕУ и во НАТО се плаќа скапо. Никому не му е пријатно кога се гледа дека се навлегува во промена на уставни одредби. Но која би била другата опција? Тотална изолација сигурно не е добро решение – додава Стаматоски.

Претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, Драги Аргировски, вели дека 11 Октомври има огромно значење за историјата на државата.

– Поради тоа со право се смета дека со започнувањето и успешното развивање на Народноослободителната војна во нашата земја против фашизмот во Втората светска војна се создадоа услови за одржување на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија на 2 Август 1944 година во манастирот „Прохор Пчињски“, што е пак тесно поврзано и со 8 Септември 1991 година, Денот на осамостојувањето на Република Македонија Како роден кумановец, секогаш со гордост пишував за значењето на излегувањето на двата партизански одреди од Куманово, Козјачкиот и Карадачкиот, во 1941 година, како и за севкупниот придонес на македонскиот народ во победата над фашизмот и остварувањето на вековниот сон за создавање на македонската држава – вели Аргировски.

Според него, денес повеќето од овие заложби за кои македонскиот народ даде голем број жртви како да се подзабораваат.

– Денес луѓето, особено помладите генерации, се поделени по разни основи и причини: брзо темпо на живот, влијанија однадвор, распаѓање на семејството како основа на општеството и друго. Нема единство и сплотеност во семејството, а тоа, очигледно, се рефлектира и по вертикала и по хоризонтала, односно на сите нивоа.
Изостануваат многу човечки и морални квалитети, меѓу кои и единството. Сѐ повеќе се шират лажни вести и информации, се шири говор на омраза, се оштетува ткивото на нашиот соживот. Но, за жал, тоа не е така само кај нас, па затоа сето она што се пишува без проверени факти е против општочовечките и државните интереси, што во повеќе земји е и законски санкционирано. Тоа треба што побргу да биде пример и кај нас. Со здрав разум во применување на демократските стандарди, сите треба да бидеме против секакви поделби и единствени во осудата на појави на нов либерализам и фашизам – смета Аргировски. Тој истакнува дека за надминување на сегашната политичка криза во нашата земја се чувствува јавна потреба од поголема меѓусебна почит и соработка меѓу самите Македонци и сите што живеат во Македонија, да се развива соживот со почитување на традиционалните принципи, градени на овие простори низ векови.

– Треба да сме им благодарни на оние што и денес се борат за реформи и подобар живот на сите. Минатото не треба да се заборави, бидејќи народ без минато не може да има иднина.

Во нашето минато се темелите на нашата денешнина. Потсетувајќи се на многу датуми и години, а еден од нив е 11 октомври 1941 година, ние треба да ги зацврстиме нашето единство и сплотеност и понатаму ќе чекориме по исправниот пат, патот кон подобра иднина за сите. Само во спојот на искуството и мудроста и на енергијата на младите може да се создаваат позитивни резултати за посветла иднина – завршува тој.

Фото: Игор Бансколиев