НИ СЕ ЗАКАНУВА ЛИ НОВА ПАНДЕМИЈА?

Јавноста во западните земји е вознемирена од последните соопштенија на здравствените власти што посочуваат дека истражуваат необјаснети случаи на хепатитис кај деца во четири европски земји и во САД.

Засега неодредена бројка инфицирани

Како што потврдија здравствените власти, случаи на хепатитис или воспаление на црниот дроб се пријавени во Данска, Ирска, Холандија, Шпанија и во САД. Минатата недела британските здравствени власти објавија дека откриле повеќе случаи на инфекција кај децата од вообичаено. Причината за инфекцијата сѐ уште не е позната.
Европскиот центар за контрола на болести (ЕЦДЦ) не прецизира колку случаи се откриени во четирите европски земји. Сепак, Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека помалку од пет биле пронајдени во Ирска и три во Шпанија. Се додава дека најверојатно во наредните денови ќе бидат откриени уште случаи. Истрагите за причините за инфекцијата се во тек во сите европски земји каде што се пријавени случаи, соопшти ЕЦДЦ.
Во Соединетите Американски Држави, Одделот за јавно здравје на Алабама соопшти дека девет случаи биле откриени кај деца на возраст меѓу една и шест години, а во два случаи ќе биде потребна трансплантација на црн дроб. Се додава дека истраги за слични случаи се спроведуваат и во други држави.

Што е хепатитис?

Хепатитис е широк термин што се користи за опишување воспаление на црниот дроб. Обично е резултат на вирусна инфекција, а може да биде предизвикан и од изложеност на одредени хемикалии, консумирање премногу алкохол, лекови и одредени генетски нарушувања. Постојат пет главни типа на хепатитис предизвикани од специфични вируси – познати како А, Б, Ц, Д и Е – но се чини дека ниту еден не предизвикал воспаление на црниот дроб забележано кај овие деца досега. Некои видови хепатитис може да поминат без сериозни проблеми, додека други може да бидат долготрајни.
Најголем број случаи се пријавени во Велика Британија, вкупно 74 досега. Минатата недела, Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство соопшти дека вообичаените вируси што предизвикуваат заразен хепатитис (хепатитис А до Е) не се откриени меѓу случаите во Велика Британија. Затоа, истражувачите бараат други можни причини и веруваат дека причината може да биде обичен аденовирус.
Аденовирусите се фамилија на вируси што обично предизвикуваат благи болести, како што се настинки, повраќање и дијареја.
Сепак, се наведува дека се истражуваат и други можни причини за инфекција, а не е исклучен и ковид. Се додава дека нема очигледна поврзаност со вакцините против ковид.