За тоа ко(и)ј и зошто од светските шаховски чуда од деца им бил(е) инспирација, што е тоа што зеле од нив и сакаат да го практикуваат при играњето на турнирите, односно колку тоа им помогнало да бидат таму каде што се денеска на играчки план, добивме мислење од неколку македонски млади, надежни шахисти и репрезентативци
Шахистите си имаат свој стил на игра и на подготовки. Некои повеќе сакаат да учат од бившите, други од активните светски шампиони, едни повеќе ги следат најновите истражувања во партиите, други повеќе ги слушаат своите тренери, а има и такви што во најголема мера се потпираат на сопствените проучувања. Како и да е, постои една заедничка нишка помеѓу повеќето шахисти, било силни или просечни, а тоа е дека сите тие ги проучувале шаховските генијалци и нивите партии, било кога почнувале да играат или, пак, подоцна.
За тоа ко(и)ј и зошто од светските шаховски чуда од деца им бил(е) инспирација, што е тоа што зеле од нив и сакаат да го практикуваат при играњето на турнирите, односно колку тоа им помогнало да бидат таму каде што се денеска на играчки план, добивме мислење од неколку наши млади, надежни шахисти и репрезентативци
– Дефинитивно Михаил Таљ. Едноставно кога ја прочитав книгата за животот и партиите на Таљ, добив инспирација поради неговиот специфичен стил на игра, проткаен со многу жртви и атрактивни партии. Пробав да го практикувам неговиот стил на игра на неколку турнири, но едноставно сфатив дека Таљ е единствен и „преголем“ за некој успешно да го копира неговиот стил на игра. Начинот на подготовка ми се менувал со текот на досегашната кариера. Во одреден период се потпирав само на тренерот и следев примери од актуелни партии, но во последно време главно ги проучувам шаховските великани. Сметам дека е правилно уште во почетокот на изградувањето како шахист да се почне со проучување на партиите на големите класици, оти тоа ни дава претстава како се развивал шахот и како дошол до одредени идеи секој од тие генијални шаховски умови. А тие идеи и принципи на игра остануваат вечни, за разлика од моменталниот тренд на теоријата, која постојано се менува. Секако дека е најдобро да се комбинираат паралелно сите стилови на подготовки, но сепак секој шахист, во зависност од неговиот стил на игра и волја за работа, сам си одлучува на што сака најмногу да се фокусира. Порано работев со велемајсторот (ВМ) Трајко Недев, но моментно немам тренер – вели талентираниот ИМ Тони Лазов.
ПАНЧЕВСКИ: УНИВЕРЗАЛНОСТА НА АЉЕХИН
Од шаховските класици најмногу го имам изучувано Александар Аљехин, бидејќи ми се допаѓа неговиот стил на игра. Гледајќи ги и анализирајќи ги неговите партии, се учи и применува неговиот стил на игра, кој е универзален, но за мене, сепак, тој е претежно напаѓачки. За подготовка користам сѐ, анализирам партии од поранешни шампиони или мошне силни шахисти. Работам со тренерот Димитар Невчевски, кој ми помага во пронаоѓањето на слабостите, потоа се подготвувам теоретски, гледајќи отворања и на тој начин го збогатувам својот шаховски репертоар – дециден е ИМ и стандарден репрезентативец на Македонија, Филип Панчевски.
НИКОЛОВСКИ: ТАЉ И НЕГОВИТЕ ЖРТВИ
Досега најмногу ми го привлече вниманието Михаил Таљ. Во неговите партии често се случувало да има многу жртви, напади и комплексни позиции, кои Таљ одлично ги применувал. Уште кога почнав да тренирам шах, ме интересираа неговите партии и сакав да играм како него. Кога ќе се погледнат поголем број партии од одреден тип на позиција, се доаѓа до учење на разни шаблони, што, пак, помага до подобро разбирање и играње на позицијата. Според мене, секој шахист треба да си го избере стилот на игра, оној во кој најмногу ужива, што му е најсилна страна и што му носи победа во партиите. Околу подготовките, сметам дека според стилот што ќе се одреди, отворањата треба да водат кон позиции што ќе му одговараат на шахистот. Секако, треба многу истражување, гледање многу класични партии за да се научат идеите, но и следење на најновите партии од силни шахисти за проучување на теоретските новитети, а актуелни во одредени отворања – вели ИМ Никола Николовски.
МИХОВ: ПИЛСБЕРИ, ФЛОР, СУЛТАН КАН
Мои омилени шаховски класици се Хари Пилсбери, Сало Флор и Султан Кан. Често гледам нивни партии, затоа што кај нив се присутни основните елементи на позициската игра, која мене ме интересира. Нивното влијание врз мене се гледа во начинот на кој ги играм партиите. Нивната посветеност, но и опуштеност кога играле со шахисти појаки од нив, многу често им носеле успеси. Обично сакам пред да одиграм партија да видам неколку убави партии од шаховските класици, со цел да се инспирирам во текот на колото. Се обидувам да се подготвам што подобро теоретски и да бидам во тек со најновите новитети во делот од отворањата. Често во подготовките ми помага и мојот тренер, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, но тоа обично во посериозни партии и кога имам некои конкретни прашања во отворањата. Практикувам пред секое коло да правам по педесетина склека и да слушам музика за добро расположение – коментира шампионот на Македонија за 2021 година, Филип Михов.
РИСТЕСКИ: КАСПАРОВ, ФИШЕР, ТАЉ
Секако дека шаховските класици мора да се знаат. Патем тие се учат и со секоја помината книга, оти во книгите на разни шаховски теми се среќаваат примери од познати светски шаховски имиња. Следењето на новите партии е многу корисно, како за мотивите така и за отворањата, оти мора да бидеме во тек со актуелностите ако сакаме успех. Мојот тренер ВМ Трајко Недев ме насочува и ми помага многу во тајните на шахот. Од шаховските класици, гледам и учам некои мотиви што понекогаш ги користам, а нивните партии секогаш ме инспирираат, па се обидувам да играм како некои од нив. Уживам во партиите на Гари Каспаров, Роберт Фишер и Михаил Таљ – вели младиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Емил Ристески.