Бројот на учесниците беше двојно поголем од минатата година и 1.600 луѓе
го исполнија Скопје со многу позитивна енергија
Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова беа најбрзи на второто издание на „Скопје трча 10 км“, вчера. Во машката конкуренција Ивановски беше прв со време 32:04 минути, а во женска конкуренција Поп Арсова забележа време од 38:28 минути. Бројот на учесниците беше двојно поголем од минатата година и 1.600 луѓе го исполнија Скопје со многу позитивна енергија.
– Бевме сведоци на уште еден спортски празник во Македонија. Одличната организација на трката мотивираше илјадници граѓани да излезат и да трчаат ова неделно утро. „Скопје трча 10 км“ е нешто уникатно, кое годинава ги охрабри луѓето да го негуваат своето здравје, и ја поттикна филантропијата кај сите. Ова е доказ дека начинот на живот се менува и дека успеваме во мисијата да го направиме спортот една од најважните работи во Македонија. Трката е причина да живееме здрав живот и да се забавуваме истовремено. Многу ни е драго што како генерални покровители сме дел од поддршката на „Скопје трча 10 км“ – рече Дарко Каевски, директор на Агенција за млади и спорт (АМС).
Организатор на трката е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со атлетскиот клуб Работнички и Атлетската федерација на Македонија.
– Бројот на учесниците и тоа што дојдоа од 22 држави од целиот свет на нашата патека, денес го покажува интересот што го поттикнавме само во втората година.
„Скопје трча 10 км“ е дел од календарот на Европската атлетска асоцијација и очекуваме в година, во третото издание, да стане дел од Меѓународната асоцијација на маратони и улични трки, заедно со скопскиот маратон Виз ер – рече Кире Синадиновски, директор на скопскиот маратон Виз ер.
Главни покровители на „Скопје трча 10 км“ се АМС и градот Скопје.
– Многу ни е драго што ја носиме ведрината во Скопје и во Македонија. Сега учесници од целата држава ќе имаат причина да спортуваат во текот на целата година. Пред некое време го отворивме и пријавувањето за скопскиот маратон Виз ер и се надеваме дека сите што трчаа денес ќе ги видиме на плоштадот во Скопје – рече Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје.
Јулијана Гапо, извршна директорка на „СОС-детско село“ – Македонија порача: „Оваа соработка е духот и темелот за развој на двете наши организации. Ние, кои сме посветени на надградување на клучни човекови доблести, како спортот и грижата за младите, за да го поттикнеме напредокот на општеството, е потребно да работиме заедно. Затоа сметам дека #СекојКилометарЗначи треба да е пример за нашата можна идна соработка“.