Драган Томовски/Фото: Приватна архива

Македонија има фантастичен потенцијал и со поставување на систем, организација и инвестирање би можела многу почесто да создава фудбалери како што се Дарко Панчев, Горан Пандев и Елиф Елмас, па и други, вели долгогодишниот фудбалски работник Драган Томовски, додавајќи дека за успесите на националната селекција во изминатите неколку години се заслужни стручниот штаб и играчите. Фудбалската репрезентација на Македонија бележи континуитет на добри резултати со пласманот на минатото Европско првенство и со досега најуспешните мундијалски квалификации, во кои загуби од фаворизираната Португалија (0-2) на гости во финалето на баражот за Светското првенство (СП) во Катар.

– Ништо не е без причина и не може да зборуваме за резултат кој дошoл на среќа. Не сум поборник на таквото размислување, бидејќи ако можеби имавме среќа против Италија, никако ја немавме против Ерменија, Исланд и Романија во групната фаза. Може да се суди само според тоа дали постои потенцијал и дали добро се работи. А Македонија има фантастичен потенцијал и компаративни предности во бројот на фудбалски таленти. Се буди свеста дека иднината е во производството на младите фудбалери. Особено во раната фаза, бидејќи младите играчи бргу излегуваат во европски клубови, каде што ги надополнуваат едукацијата, како и недостатокот кој дома го имаме со играњето во послаба лига. Иако инфраструктурата е донекаде подобрена, останува проблемот на односот на клубовите кон младинските категории, како и дестимулативното наградување на тренерите кои работат со младинските категории. Состојбата со младинските лиги е иста како и кај сениорите, односно исклучително лоша. Доколку комплетниот фудбалски систем се реорганизира би можеле да создаваме фудбалери како Дарко Панчев, Горан Пандев и Елиф Елмас секоја година, наместо еднаш во десет години. Спомнувањето на компаративна предност при продукција на фудбалери подразбира инвестицијата во фудбалот да донесе поголем резултат отколку во многу други гранки – смета Томовски.

Успесите на националната селекција, според Томовски, се должат на добрата селекција,одличната работа на стручниот штаб, како и на извонредната атмосфера во репрезентацијата.

– Заслугата за резултатите е на сегашниот стручен штаб, не заборавајќи го и претходниот, а секако и на фудбалерите. Меѓусебната доверба на релација стручен штаб-фудбалери, секако, пред сѐ е резултат на свесноста на фудбалерите, кои препознаа дека Милевски во многу им ја олеснува работата, со рационален и стратешки оптимален пристап кон самите натпревари, како и нивна подготовка. Тренерската работа денес е покомплексна отколку порано, делумно и бидејќи, освен користењето на модерната технологија во повеќе дисципилини врзани за фудбалот, играчите многу полесно ги препознаваат добрите тренери. Разбирањето на играта и стратегијата од страна на фудбалерите е далеку подобро од отколку порано, со самиот факт што тие гледаат повеќе десетици квалитетни натпревари неделно и преку тие информации се стекнуваат со знаења и надвор од тренажниот процес. А мислам дека дел од нив и не се свесни за тоа – истакнува Томовски.

Тој ја нагласува важноста на психолошката подготовка и состојба, посебно пред големите натпревари, забележувајќи го притисокот од јавноста со кој македонските фудбалери се соочија пред решавачкиот дуел против Португалија.

– Не се зема предвид психолошкиот момент пред поголеми предизвици против силни ривали. Играчите требаа да бидат изолирани од преголемиот притисок создаден во јавноста, како и од пофалбите. ФФМ веројатно поради неискуство во такви ситуации, но и поради еуфоријата која завладеа, не презема повеќе мерки кои ќе ги заштитеа фудбалерите од преголемо „трошење“ во периодот пред најважниот натпревар. Не би ја прифатил прославата пред дуелот со Португалија, односно таквиот вид на прослава на скопскиот плоштад. Згора, сосема непотребно беа објавени информациите за паричните премии кои би ги добиле репрезентативците, баш на денот на мечот. Фактот дека мечот со Италија остави големи последици и на физички план, но уште повеќе со емоционалното празнење, придонесе за недостаток на свежина кој беше забележлив кај неколку играчи, кои ја изгубија способноста за брзи и целисходни решенија, што пак битно влијаеше на организацијата и текот на играта во напад. Експертите знаат дека еден од клучните моменти на играта е менувањето на поседот на топката, кога од брзата и правилна одлука зависи и начинот на одвивање на конкретниот напад, но пошироко и на играта. Овој пат тука имавме проблем, најчесто поради непотребно задржување на топката – заклучува Томовски.

Македонија беше запрена на чекор од историски пласман на Светското првенство во Катар, но со понатамошна напорна работа и соодветна организација би можела да го искористи фудбалскиот потенцијал со кој располага за да се надева на остварување на целта за учество на Мундијалот.


Успесите на Трајковски многу значат по препознаениот талент и работата во Цементарница

Успесите во кариерата на Александар Трајковски кој беше стрелец на голот за победа над Италија (1-0) во полуфиналето од баражот за Мундијалот, имаат особено значење за Драган Томовски.

– Нас и семејно многу ни значи успехот на секој наш фудбалер кој успеал да постигне одлична кариера, со оглед на определбата на моите синови, заедно со моја помош, безусловно да помогнат во развојот на секој млад талент да стане личност и фудбалер. Лично многу ми значи успехот на Трајковски, бидејќи тој беше еден од тројцата фудбалери кои од кадети ги внесов во првиот тим на Цементарница, заедно со Филип Најдовски и со Филип Наумчевски. Бев воодушевен од индивидуалниот потенцијал на Трајковски и мотивиран истиот да го доработиме и вообличиме, па тој е истовремено и единствениот играч со кого лично имам работено на терен, точно пред 12 години. Клучна идеја беше подобрувањето на неговите реализаторски способности, па голот со Италија ми предизвика бурни емоции. Александар постигна многу, но мене, некако, ми останува сознанието дека тој можеше и повеќе од фудбалски аспект – посочува Томовски.