Во ЛШ од сезоната 2024/2025 ќе се натпреваруваат 36 екипи. Неофицијално, од четирите дополнителни места во однос на сегашниот формат, две би добиле екипи што нема да се пласираат во ЛШ, но имаат добри резултати во претходните пет години, а по едно место за тим од петтото домашно првенство во Европа и за уште еден тим од квалификациите (вкупно пет)
ФУДБАЛ – ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ ОД 2024 ГОДИНА
Европската фудбалска унија (УЕФА) ѝ го претстави новиот предлог-модел на квалификации за Лигата на шампионите (ЛШ) на Европската асоцијација на клубови (ЕКА), со две места предвидени за тимови врз основа на „историски заслуги“, пишува спортскиот портал „Атлетик“, повикувајќи се на свои извори од состанокот во Виена.
Лигата на шампионите од сезоната 2024/2025 ќе го користи таканаречениот „швајцарски модел“. Во групната фаза, во една лига, ќе се натпреваруваат 36 екипи, четири повеќе од сегашните 32, а секој тим ќе одигра најмалку 10 натпревари.
Од тие дополнителни четири места, две се предвидени за тимови со најдобри историски перформанси, доколку се пласираат на места во домашните лиги веднаш до тие што обезбедуваат играње во ЛШ. Тие ќе бидат познати како две коефициентни места што ги имаат предвид постигнувањата на клубот во претходните пет сезони, пишува „Атлетик“.
Според информациите, преостанатите две места се за тим од петтата лига со најдобри резултати во Европа и уште едно дополнително, за тим од „шампионската“ патека во квалификациите (сега од тој дел од квалификациите во групната фаза се пласираат четири тима).
Сето тоа може да значи уште две дополнителни места за тимови од Премиер-лигата, од Ла лига, од Серија А, Бундес-лигата или која било европска земја. На пример, во ЛШ би можела да се пласира и петтопласираната екипа во Премиер-лигата или од Ла лига.
Генералниот секретар на Европската фудбалска унија, Џорџо Маркети, сите овие работи им ги објаснил на претставниците на ЕКА на состанокот во Виена. Се очекува за ова да се дискутира во УЕФА во април, да биде одобрено во мај годинава, а потоа сѐ да се прецизира пред сезоната 2024/2025, пишува „Атлетик“.