Животни

Познато е дека кучето му е најдобар пријател на човекот. Меѓутоа, исто како и ние луѓето, кучињата може да станат агресивни доколку не се дресираат правилно. Подолу се трите најопасни раси според „Ворлд дог вајдер“.
Канарско куче: ова е многу силна, масивна и интелигентна раса. Канарските кучиња имаат потреба од рана социјализација и дресура. Поради силниот ловечки инстинкт, тие не им одговараат најдобро на неискусните сопственици. Ако не им обезбедите доволно активности, тие може да станат деструктивни.

Ротвајлер: тие се многу лојални, приврзани и подготвени да го бранат својот сопственик, семејство и домот во секоја ситуација. Кога ќе почувствува опасност, веднаш презема акција поради неговиот високоразвиен борбен и заштитнички инстинкт. Никогаш не лае без причина. Нему му треба слобода и не може да издржи предолго врзан. Може да биде многу дисциплиниран ако неговиот сопственик има доволно авторитет.

Питбул: за жал, оваа раса најчесто се користи за борби со кучиња во сите делови на светот. Тие се исклучително силни кучиња, со застрашувачки силен загриз, па не е чудно што многу луѓе се плашат од нив. Овие кучиња порано го носеа прекарот дадилки, но по сите негативни вести поврзани со питбулите, многу луѓе ги доживуваат сосема поинаку. Тие се опасни и може да бидат агресивни, но со соодветна дресура и рана социјализација може да станат феноменални миленичиња.