Неколку гробници и таинствен саркофаг, за кој се верува дека потекнува од 14 век, се откриени неодамна, при обновувањето на Богородичната црква во Париз, која настрада во пожар во април 2019 година.
Ги пронашле работниците што го реконструираат зданието старо повеќе од 850 години и веднаш биле повикани стручњаци од Археолошкото друштво, соопшти француското министерство за култура.
Гробниците и саркофагот се пронајдени во подот при поставувањето скеле за обнова на паднатата кула на катедралата, а во оваа пригода се откриени и фрагменти од насликани скулптури, кои најверојатно биле дел од иконостасот. Се претпоставува дека се работи за антиквитет чии други делови биле најдени уште во 18 век, а денес се чуваат во Лувр.
Бидејќи саркофагот е стар повеќе од 7 века, тој е напукнат, а археолозите со помош на ендоскопска камера можеле да ги проучат посмртните останки чувани во него.
Забележавме добро зачувано тело, чија глава е покриена со „перница“ од суви лисја што се користеле при обред на погребување верски лидери – вели Кристоф Бесние, водач на тимот археолози што го истражуваат откритието во Богородичната црква во Париз.
Стручњаците претпоставуваат дека посмртните останки пронајдени во саркофагот му припаѓаат на некој од црковните поглавари, а според историските податоци во самата катедрала се погребани над 400 луѓе, меѓу кои и бискупи.
Се воспостави дека под дел од катедралата се наоѓаат неверојатни научни откритија – изјавила за Ројтерс Розелин Баселот, француска министерка за култура.
Богородичната црква во Париз беше речиси уништена во катастрофалниот пожар пред три години, а француските официјални претставници најавија дека нејзината обнова ќе трае до пролетта 2024 година.