Борјан Бранковски

Мојсовска погоди со 610,2 круга во дисциплината воздушна пушка од 10 метри, а Бранковски 556 круга со воздушен пиштол од 10 м

СТРЕЛАШТВО

Анастасија Мојсовска (19) во дисциплината воздушна пушка од 10 метри го освои 75-то место, а Борјан Бранковски (25) во дисциплината воздушен пиштол од 10 м го освои 64-то место, на Европското сениорско првенство (ЕП), кое викендов се одржа во Хамар, Норвешка. Мојсовска погоди со 610,2 круга, а Бранковски 556 круга.
– И покрај силната конкуренција и многу строгите правила со измена и олабавување на опремата за пукање на Мојсовска и отежнување на чкрапалото на Бранковски, очекував подобри пласмани и на двајцата, а Мојсовска дури да биде меѓу првите 15 и нов државен рекорд, но психолошкиот притисок очигледно си го стори своето – ни изјави тренерот на репрезентацијата Јордан Тасевски, кој беше заедно со селекторот Трајче Дамевски.
Македонскиот рекорд на Мојсовска е 621,1, а на Бранковски е 573 круга остварен на Летните олимписки ири (ЛОИ) во Токио, лани.
– Опремата кај пушката на Мојсовска се состои од палто и панталони што се крути за стабилност на стрелецот, а нив контрола ги мери за дебелина и крутост со специјални машини. Поради студеното време во Норвешка, таа стана уште покрута и преклопот на копчињата од палтото не е во границите на пропишаните правила и мораше да се олабават по два сантиметри. Кај Бранковски тежината на чкрапалото е пропишана од 500 грама и не смее да е полесна, а може да е потешка колку што сака стрелецот. Причината кај него беше отежнато чкрапало од страна на официјалната контрола и се соочи со тешкотии при стрелањето, при влечењето, а со тоа и потешко е да се погодат центрите на испуканата дијабола – појаснува Тасевски.