Шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен изјавидека „Америка нема стратегија за промена на режимот во Москва“.
Блинкен беше замолен од новинарите да ја коментира вчерашната изјава на американскиот претседател Џо Бајден, кој рече дека рускиот претседател Владимир Путин „не може да остане на власт“.
– Мислам дека претседателот, како што објасни синоќа Белата куќа, рече дека Путин не може да има овластување да започне војна или агресија против Украина или некој друг – рече Блинкен.
– Како што знаете, ние многупати кажавме дека Америка нема стратегија за промена на режимот во Москва или на кое било друго место – рече Блинкен.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера во Варшава изјави:
– Па овој човек не може да остане на власт, мислејќи на Путин.
По реакцијата во јавноста, Белата куќа ја појасни неговата изјава.
– Поентата на претседателот беше дека на Путин не може да му се дозволи да има власт над соседите или во регионот. Тој не го коментираше владеењето на Путин во Русија или промената на режимот – изјави претставник на Белата куќа за „Волстрит Журнал“.
Реакција веднаш пристигна и од Москва.
– За тоа не може да одлучува господинот Бајден. Тоа може да биде избор само на народот на Руската Федерација – изјави портпаролот на Путин.
Во својот говор Бајден рече дека Европа мора да се „челичи“ за долга борба против руската агресија.
Тој зборуваше пред кралската палата во Варшава, која беше сериозно оштетена за време на Втората светска војна.
Тој посочи дека инвазијата на Путин на Украина се заканува да доведе до „децениски војни“.
– Мораме да имаме јасна визија во оваа борба. Оваа борба не може да се добие за неколку дена или месеци – рече американскиот претседател.
Меѓу околу 1.000 собрани имаше и украински бегалци кои избегаа од војната во Полска.
Обраќајќи му се директно на Путин, тој предупреди дека Русите не смеат да преминат ниту еден метар на територијата на НАТО.
Осудувајќи ја инвазијата на Украина, Бајден му порача на рускиот народ да не го сметаат за непријател.
Тој имаше и средба со украински бегалци, меѓу кои и цели семества принудени да ги напуштат своите домови. На новинарско прашање за тоа што помислил за Путин по средбата со бегалците, Бајден одговори: Тој е крвник.
Една жена која разговарала со него му рекла дека таа е таму со својата ќерка, но дека нејзиниот сопруг и син се вратиле во Украина да се борат.
– Тоа е страшно, рече Бајден.
Жената со помош на преведувач проговорила за хоророт низ кој поминало нејзиното семејство и рекла дека „Украинските мајки се подготвени да го задават Путин со голи раце“