Кон откажувањето на сѐ што носи руски предзнак се приклучија и елитните аукциски куќи „Кристи“, „Сотби“ и „Бонамс“, кои нема да ја имаат предвидената продажба на руската уметност, закажана за месец јуни. Овој месец, како и ноември, е познат по Неделата на руската уметност, настан што им го привлекува вниманието на богатите љубители на руската уметност. Ова е одговорот на уметничкиот пазар на актуелните настани поврзани со војната во Украина, пишува „Гардијан“.
– Ние ригорозно ги следиме сегашните санкции и постојано ги следиме промените – соопштија од „Сотби“.
Додека „Кристи“ како причини за откажувањето ги наведе несигурноста околу војната и сложените логистички и правни предуслови. Тие објаснија дека со зголемена претпазливост пристапуваат кон ситуациите во кои се вклучени луѓето на кои се однесуваат санкциите. Меѓутоа, аукциската куќа „Бонамс“ не ја објасни својата одлука.
Експертите на пазарот за уметност не очекуваат санкциите да предизвикаат повеќе проблеми на пазарот, бидејќи бројот на руски купувачи е намален од 2008 година и тие покриваат мал дел од пазарот.
Според Себастијан Дути, експерт за анализа на уметничкиот пазар, продажбата на руски уметнички дела од „Сотби“ и од „Кристи“ донела приход од 37,7 милиони фунти, што е помалку од еден процент од приходите.