Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека крајната цел на Западот е „заживување на униполарниот свет“.
– Западот сака да го ограничи секој конкурент, сега тоа е Русија, а следната цел може да биде Кина. Нема сомнеж дека едно од правилата што Западот сака да ги примени е да го ограничи секој конкурент. Сега тука е Русија, Кина е прогласена за следна, или сето тоа ќе се случи паралелно. А, целта на овој светски поредок заснован на правила не е ништо друго освен целосно заживување на униполарниот свет – рече Лавров во својот говор пред студентите во Москва.
Тој, исто така, ги обвини Соединетите Американски Држави дека сакаат да ги нарушат преговорите на Москва со Украина, чија цел е да се стави крај на речиси едномесечниот конфликт.
„Преговорите се тешки, украинската страна постојано ја менува својата позиција. Тешко е да се избегне впечатокот дека нашите американски колеги ги водат“, рече Лавров пред студентите, велејќи дека САД „очигледно сакаат да не држат во состојба на војна што е можно подолго“.
Според него, Русија не е против посредувањето на западните земји во преговарачкиот процес со Украина, но „Москва има јасни црвени линии“.
– Западните земји се особено склони да играат посредничка улога, ние не сме против тоа, но имаме апсолутно јасни црвени линии за кои зборуваме долги години – рече Лавров.
Според него, целта е да се ограничи Русија, како и секоја друга земја која се однесува повеќе или помалку независно на светската сцена.
– Она што во моментов се случува во светот, се разбира, не е само поврзано со Украина, туку со обидите да се формира нов светски поредок – нагласи рускиот министер Лавров.
Пекинг: Русија не може да биде исклучена од Г20
Кина ја оквалификува Русија како „важна членка“ на Г20, откако САД го покренаа прашањето за нејзино исклучување од групата 20 најразвиени земји во светот, по инвазијата на Украина.
– Г-20 е главниот форум за меѓународна економска соработка – изјави за новинарите портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин.
– Русија е важна членка и ниту една членка нема право да исклучи друга – потенцираше тој.