Моќниот тајфун Конгреј денеска донесе силни ветрови и поројни дождови во јужна Јапонија, јавуваат локални медиуми. Околу 150 летови се откажани.
Најмалку осум лица настрадаа на јужниот остров Окинава откако беа однесени од ветрот.
Околу 30.000 домаќинства во префектурите Окинава и Кагошима се со нарушено снабдување со електрична енергија.
Метеоролошката агенција предупредува за опасност од лизгање на земјиште и катастрофални ветрови во Окинава и на островот Кјушу и ги повикува локалните жители да бидат внимателни.
„Конгреј” (убаво девојче) е 25-тиот тајфун, кој се формира во Тихиот Океан оваа сезона. Се очекува тајфунот да се доближи кон Корејскиот Полуостров в сабота и да го погоди северниот дел на Јапонија в неделата. Просечна брзина на ветровите е 126 километри на час.
Силен земјотрес повторно го погоди Хокаидо
Силен земјотрес со интензитет од 5,2 степени по Рихтер повторно го погоди јапонскиот остров Хокаидо, соопшти денеска Јапонската метеоролошка агенција.
Земјотресот се случил околу девет часот изутринава, по локално време, со епицентар на југот на Хокаидо и длабочина од околу 30 метри.
Во градовите Атсума и Мукава, кои се наоѓаат во таа област, нема повредени, додека во градот Сапоро повредена е 30-годишна жена на која паднала полица врз неа.
Засега нема опасност од цунами, а компанијата за снабдување со електрична енергија соопшти дека не се забележани абнормалности во нуклеарните постројки.
Денешниот земјотрес е најсилен од земјотресите кои го погодија тој остров пред месец денам во кој настрадаа 41 лице, а 10.000 згради се оштетени.
Поради земјотресот илјада жители и натаму се наоѓаат во прифатни центри.
Јапонската метеоролошка агенција ги предупреди граѓаните да бидат подготвени за можноста следната недела да има нови земјотреси со интензитет од 4 степени и повеќе, како и да се подготват за поројни дождови и лизгања на земјиштето поради тајфунот кој треба да го погоди тој остров в недела.